САД испраќаат трупи на Косово, пораката е „не играјте си војна“

0
903

Регионални аналитичари сметаат дека најавата на САД дека на Косово ќе испратат дополнителни 130 војници како поддршка на Кфор и НАТО е порака до „военохушкачките“ политичари во регионот.

Станува збор за припадници на американските специјални единици од првиот батаљон со седиште во Тупело, високо обучени за итни интервенции кои на Косово ќе стигнат по подготовките во базата Форт Худ во Тексас.

Во оваа база специјалците отпатувале за време на викендот, а на подготовките наводно ќе учат албански и српски јазик и ќе се запознаваат со Балканот. Кога ќе пристигнат на Косово ќе бидат распоредени во рамки на силите на Кфор во единица која користи хеликоптери УХ 60 „блекхок“ и таму треба да останат 10 месеци.

Српскиот аналитичар Душан Јањиќ истакнува дека тоа е политичко безбедносна порака на САД, а не војна.

„На овој начин Американците јасно им ставаат до знаење на локалните политичари да не си играат повеќе војна и дека повторно оперативно се враќаат на Балканот. Нивната проценка е дека регионот премногу им го препуштиле на Турците, на НАТО и на Европејците. Сметаат и дека Балканот е во опасност од тероризам. Тоа значи дека овој дел од Европа нема да го остават со нерешени прашања во БиХ и на Косово, но и дека ќе се обидат да го намалат влијанието на Турција во регионот“, смета Јањиќ.

Професорот на белградскиот Факултет за безбедност Зоран Драгшиќ смета дека дополнителните американски трупи се неопходно поради засилените тензии на Балканот.

„Падор на владата и претстојните избори на Косово предизвикаа немири кај албанското население, поради што дополнително се загрозени Србите. Затоа оваа помош на Кфор е добредојдена, а добро е тоа што станува збор за елитна единица на најсилната војска во светот“, истакнува Драгшиќ.

Слично мислење имаат и политичките аналитичари на Косово, па така Имер Мушколај гледа на доаѓањето на американските војници како одговор на политичката ситуација во регионот и опасноста од тероризам.

„Тензии има и во Македонија и во Албанија и на Косово, па овој потег на САД е очекуван. Косово е американска инвестиција и Вашингтон сигурно нема да дозволи да оди во несакана насока. Исто така, поради тероризмот кој се заканува насекаде по Европа ова е дополнителен вид на безбедност“, вели Мушколај.

Драгшиќ смета дека засиленото присуство на САД е јасна порака дека нема ништо од формирање на војска на Косово. „За тоа прашање јасен е ставот на целиот свет и затоа незадоволството на Албанците е уште поголемо“, вели српскиот аналитичар.