САД извршиле напад во Либија

0
150

САД извршиле воздушен напад во Либија врз припадникот на Ал Каеда, терористот Моктар Белмоктар, соопшти Пентагон во понеделникот.

Моктар Белмоктар има долга историја на водење терористички активности како член на глобалната терористичка организација Ал Каеда во северозападна Африка, каде што во 2013 година ги осмисли нападите во Алжир во кои беа убиени 38 луѓе од десет земји, меѓу кои и три Американци, при заземање на гасните постројки, се наведува во соопштението на американското министерство за одбрана.

„Антитерористичкиот напад врз терористот поврзан со Ал Каеда е извршен во саботата“, изјави портпаролот на Пентагон, полковникот Стив Ворен.

Телевизијата CNN извести дека Белмоктар, кој во 2013-та е обвинет во САД,за злосторства поврзани со споменатиот напад, бил убиен во нападот, повикувајќи се на неименуван американски функционер.

Либиската влада, којашто ја признава меѓународната заедница, исто така, во неделата објави дека Белмоктар е убиен. Американската армија потврди дека тој бил цел на нападот, но не соопшти дека е убиен.

Либија по соборувањето со помош на западните сили во 2011 година на деценискиот автократски челник Момеар ел-Гадафи се соочува со насилство меѓу приврзаниците на двете влади, на либерали и исламисти, како и со подемот на џихадистичката Исламска држава којашто ги користи политичките превирања и се повеќе го освојува теренот.