САД префрлија двајца затвореници од Гвантанамо во Србија

0
537

Двајца затвореници од озлогласениот американски затвор за осомничени за тероризам во воената база во кубанскиот залив Гвантанамо, од кои е едниот е Таџикистанец а другиот Јеменец, се префрлени во Србија, објавија во понеделникот Пентагон и Стејт департментот.

Соединетите држави се заблагодаруваат на Република Србија за тоа што го предложи ова хуманитарно прифаќање, се наведува во соопштението на Стејт департментот. Се наведува дека со тоа Србија им се придружила на други 30 земји кои од 2009 година примиле затвореници од Гвантанамо.

Американското министерство за одбрана во одвоено соопштение наведува дека САД се координирале со Србија за „трансферот на затворениците да биде во согласност со безбедносните мерки и хуманиот третман на затворениците“.

Двајцата затвореници се заробени кон крајот на 2001 година во текот на војната во Авганистан и предадени на САД, кои без судење ги држеа во затворот во Гвантанамо повеќе од 14 години.

Затвореникот од Јемен е обвинет дека бил припадник на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, и дека бил запознаен со плановите за напaдите од 11-ти септември 2001 година според податоците на весникот The New York Times за затворениците во Гвантанамо. За него се смета дека бил „веројатно понизок борец на Ал Каеда“ но дека го променил начинот на размислување во затворот, научил англиски јазик и завршил курсеви потребни да добие диплома за средно образование. Од 2012 година, главно, се придржувал до прописите за притвор.

Затвореникот од Таџикистан, пак, е обвинет дека бил припадник на радикално исламистичко движење во неговата земја и дека бил трениран од Ал Каеда, според истиот извор. Тој на префрлување во некој земја чекал од 2009 година, кога било заклучено дека претставува „доволно ниска закана“ за да може да биде трансфериран во некоја сигурна земја. Тој останал во Гвантанамо затоа што се утврдило дека не може безбедност да биде вратен во неговата татковина.