Самуел Жбогар ќе го замени Аиво Орав во Скопје

0
379

Поранешниот министер за надворешни работи на Словенија и актуелен Специјален претставник на Европската унија на Косово, Самуел Жбогар е нов шеф на делегацијата на ЕУ во Република Македонија, јавува МИА.

Иако од Европската комисија и од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) се уште не сакаат официјално да потврдат, бидејќи подготвуваат соопштение во кое ќе ги објават сите 15 нови ЕУ-амбасадори во земјите од Балканот и поширокиот регион, сепак, Словенецот веќе минатата недела поминал успешно на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент и доби дозвола од 1-ви септември да ја превземе функцијата од Аиво Орав во Скопје.

Ова за МИА го потврдија неколку од членовите на т.н. АФЕТ-група на Европарламентот, присутни на сослушувањето.

Исто така, дефинитивно е дека Жбогар нема да ја има двојната функција шеф на ЕУ-делегација и Специјален претставник на Унијата што досега ја имаше на Косово, туку дека само ќе биде амбасадор на Унијата во Република Македонија. За да биде Специјален претставник треба да се избере и во Европскиот совет, за што нема волја кај дел од земјите-членки на Европската унија, па останува само да го наследи Естонецот Орав.