СДСМ денеска пак се враќа во Собранието

0
656

Според пред два дена потпишаниот договор за спроведвање на договореното од Пржино, денеска во Собранието треба да се усвојат измените во Изборниот законик што се однесуваат на прочистување на Избирачкиот список. Тоа значи дека денеска пратениците на СДСМ треба да се вратат во собраниската сала, а седница со таква точка на дневниот ред сѐ уште не е закажана.

Последниот пат пратениците на опозициската СДСМ го напуштија Собранието откако не беше прифатен нивниот рок до кога требаше Уставниот суд да се изјасни за уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство.

Новиот договор подразбира дека до 31 август треба да се исполнат неколку услови за одржување фер и кредибилни избори на крајот на годината (можен термин е 11 декември). Условите се однесуваат на Избирачкиот список, медиумите, работата на МВР и на Специјалното јавно обвинителство.

Во однос на Избирачкиот список договорено е 171.500 лица за кои се претпоставува дека се наоѓаат во странство, да бидат ставени на дополнителен список и треба да се направи нова проверка за 40.000 лица. За ова неопходни се измени во Изборниот законик, а рокот е денеска.

На 31 август лидерите на четирите партии треба да се сретнат и да одлучат дали се исполнети договорените обврски и да го одредат датумот за предвремените парламентарни избори.