СДСМ истапува од коалицијата Граѓани за Македонија

0
287

СДСМ истапува од коалицијата Граѓани за Македонија, потврди денеска лидерот Зоран Заев.

„И официјално ги известуваме граѓанските организации за формално правно разединување. Се заблагодаруваме за добрата соработка, чесно е и тие да имаат активна независна улога. Опозицијата влегува во Парламентот на 1. септември, а на 20 Октомври во Владата. Ја продолжуваме соработката за демократизација на државата, но не во коалиција“, вели Заев.

Коалицијата Граѓани за Македонија обединува 70 невладини организации и 15 партии, а заедно настапија на граѓанскиот протестен митинг на 17 мај.

Вчера до граѓанските организации беше испратено известување, потпишано од шефот на Кабинетот на Заев, Љупчо Николовски.

Почитувани,

Во име на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, најнапред сакам да Ви искажам огромна благодарност до сите Вас со кој бевме дел од коалицијата „Граѓаните за Македонија“, како и за Вашиот активен придонес кој го дадовте при организирањето на активностите и учеството на настаните на Кампот пред Владата на Република Македонија како и учеството во сите други активности.
Имено, со постигнувањето на договорот од 2јуни/15јули 2015 година, ние како политичка партија и нашата опозициона коалиција сме целосно фокусирани на имплементација на договореното како и на максимални политичко-програмски и оперативни подготовки за изборите.

Согласно договорот, на 1 септември СДСМ и опозицијата преку пратеничката група се враќа во парламентот, до 15 септември треба да го избереме Специјалниот јавен обвинител а веќе од 20 октомври ќе бидеме дел од институциите што неопходно треба да се нормализираат и демократизираат а со тоа треба да бидеме заеднички гарантори на фер, слободен и демократски процес на избори во април 2016 година.
Затоа, Ве информираме дека СДСМ истапува од коалицијата – Граѓаните за Македонија токму поради спроведување на се она што е договорено на 2јуни/15јули 2015 година во Скопје.

Вашата заложба и несебичен ангажман беа силна поддршка заедно да опстоиме во намерите и заедно да дојдеме до оставката на Никола Груевски и до вклучувањето во институциите на системот, единствено како гарантори за фер и демократски избори.
Убедени сме дека нашата воспоставена соработка ќе продолжи и понатака на секој можен начин и форма се со цел заедно да се избориме за слободата, правдата и демократијата во Македонија.

СДСМ и опозицијата е отворен, транспарентен и простор кој ќе ги мобилизира сите потенцијали и капацитети, без разлика од каде и да доаѓаат, а кои имаат за цел слободно, демократско и креирање на концепт на ново општество за сите. Општество со нови вредности и норми.

Затоа, ние силно ги охрабруваме организациите да продолжат со активностите во рамки на оваа силна коалиција – Граѓаните за Македонија.

Уште еднаш, во име на претседателот на СДСМ – Зоран Заев, Ви се заблагодаруваме на досегашната соработка која со сигурност ќе ја продолжиме и во иднина.

Без коментари

LEAVE A REPLY