СДСМ: Нов датум за избори, бојкот на 24-ти април

0
313

Централниот одбор на СДСМ вечерва донесе едногласна одлука дека партијата нема да учествува на избори доколку тие се одржат на 24 април. Според нив, фер и регуларни избори се императив за државата, а тоа може да се случи само со навремено прочистување на Избирачкиот список и навремена регулација на медиумите, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Опозицијата вели дека дава шанса до пред распуштањето на Парламентот да се корегираат одлуките за датумот на изборите, за да може да се исполнат условите за фер избори. Дотогаш, во составот на Владата остануваат и министрите од редовите на СДСМ, а доколку не се промени датумот за изборите, партијата дополнително ќе одлучува за понатамошните активности.

 
Доколку до 24-ти февруари се распушти Собранието и има избори на 24-ти април, опозицијата ќе ги напушти сите институции и нема да оди на избори на 24-ти април.

„Без прочистен избирачки список нема кредибилни избори, без регулација во медиумската сфера нема кредибилни избори – затоа СДСМ на избори без овие услови не оди. Ако изборите останат на 24-ти април, тие нема да се кредибилни“, изјави Заев.

Лидерот на СДСМ не сакаше да ја коментира утрешната седница на Советот на јавни обвинители на која на дневен ред е работата на Катица Јанева, а во однос на меѓународниот притисок кој се најавува кон опозицијата, рече дека СДСМ и меѓународниот фактор имаат иста цел – избори признаени од сите, и на кои сите ќе учествуваат.

Дел од членовите на ЦО бараа бојкотот да почне уште вечерва и министрите на СДСМ да ја напуштат Владата, а пратениците Собранието.

Сепак, на крајот ЦО едногласно одлучи да остане во процесот од Пржино до 24-ти февруари.