Се активира вулканот во Косел!?

0
5202

Засилен мирис на сулфур и чад од вулканот во селото Косел денеска забележаа охриѓани, додека повеќе од една недела, серијата земјотреси го тресат овој град и околината, а епицентарот им е на неколку километри од овој динствен жив вулкан на Балканот. Кај вулканот се отвориле нови шест дувала кои се видливи веднаш што ќе се стигне на местото, велат граѓаните.

Инаку, сулфатарата Дувало претставува активна поствулканска појава која се наоѓа во непосредна близина на селото Косел, недалеку од Охрид. Има изглед на минијатурен кратер со пречник од 0,5 метри и длабочина од 30 сантиметри. Од отворот избиваат гасови на јаглен диоксид и сулфур водород заради што оваа појава во исто време е и мофета и сулфатара. Претставува последен знак на изумирање на некогашна вулканска активност. Сулфатарата Дувало во Косел е поствулканска појава една од ретките од ваков вид во овој дел на Европа. Со самиот ваков карактер сулфатарата преставува природен феномен, поради што во 70-тите од страна на Собранието на Општина Охрид добила статус на природна реткост. Упатените сметаат дека коселскиот „вулкан“ недоволно е искористен и наместо туристичка атракција, тој денес претствува депонија.

– Косел во поранешна Југославија се учеше во учебниците по географија за основно образование како ретка геолошка појава, опишувана како единствениот активен вулкан на Балканот. Всушност, станува збор за раседна пукнатина, или пукнатина во подлабоките слоеви на земјата од која на земјината површината избиваат гасови од подлабоките слоеви. Тоа е последица од вулканската активност што се случувала на територијата на денешна Република Македонија пред еден,два или пет милиони години, за која сведочат некои ридови во Кумановско-кратовскиот регион. Станува збор за уникатна појава, можеби единствена на Балканот од тој вид, иако такво нешто има и во Романија. Значи, од научен аспект, ова не е вулкан – туку пукнатина од која излегуваат гасови. Тука немало излевање на магма на површината – велат од Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, пишува Нова Македонија.

Во видео кое што читатели го испратија до редакцијата на А1он, може да се забележи како чад излегува од вулканот Дувало во Косел.