Се е подготвено за 38 Манаки

0
364

Големиот француски и светски кинематографер ПИЕР ЛОМ/ PIERRE LHOMME е вториот лауреат на Златна камера 300 за животно дело на годинешното 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 23 до 30 септември во Битола.
Ова денеска го соопшти директорот на Фестивалот, Благоја Куновски – Доре, кој истакна дека со доделувањето на Златнaта камера на овој кинематографер се заокружува Клубот на великани на Фестивалот „Браќа Манаки“.

-Пиер Лом е легенда на француската и европската кинематографија, она што е најзначајно и карактеристично во опусот на овој кинематографер е што тој соработувал со значајни и големи омиња на француската кинематографија, а тој со својата вештина да се адаптира на сечиј стил беше еднакво успешен и во соработките со неколкумина странци, како што е на пример, американскиот режисер Џејмс Ајвори, со кого има снимено четири, многу важни филмови за неговото творештво. Во неговата 40-годишна кариера тој ги има снимено некои од ремек делата на француската кинематографија, вклучувајќи го и филмот „Сирано де Бержерак“. За многумина почитувачи на филмот ова е ремек – дело. Според многу критичари, а и според мене креацијата на Лом и неговата соработка со режисерот Рапно во „Сирано де Бержерак“ навистина заслужува Оскар, но Американската филмска академија ја доделува ова награда на амерканските филмови. Сепак, тој ја доби својата сатисфакција со наградата на Европската филмска академија за најдобар кинематографер, потоа освои и „Цезар“ што е францускиот Оскар и низа други награди што ги има освоено Пиер Лом, најчесто во трката за номинации за францускиот Цезар. Ние со гордост го очекуваме да биде наш ценет гостин, иако е во поодминати години, тој во својат прва реакција веднаш најави дека ќе биде наш гостин заедно со својата сопруга Рене.

На денешната прес конференција во ЕУ Инфо Центарот, гостин беше и амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоније, кој се обрати на македонски јазик и изрази задоволство што еден од живите великани на француската кинематографија е годинашен лауреат на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

-Ја поздравувам извонредната работа на раководството на Фестивалот на филмска камера и нивните постојани напори да обезбедат силно присуство на француската кинематографија. Бев пријатно изненаден кога дознав дека големиот лауреат годинава е Пиер Лом, директор на фотографија и сценарист кој има снимано со најпознатите француски и европски режисери. Ви благодарам што на почесен пиедестал го ставатеовој голем француски кинематографер. Ние ќе му дадеме поддршка на овој важен фестивал, рече амбасадорот Тимоније.

Претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија, Робер Насков, информираше дека сите недоразбирања и дилеми околу организацијата на фестивалот конечно се расчистени.

-Сите обиди на одредена група луѓе да го преземат фестивалот се завршени. Фестивалот Браќа Манаки останува кај тие што го основале, кај тие што организирале со децении – Друштвото на филмските професионалци. На моите колеги, филмските работници им честитам за едниственоста и успехот и на оваа извојувана правда и победа, фестивалот да се врати онаму каде што припаѓа, рече Насков.

Тој објави дека во ДФРМ одлучиле годинава наградата на Друштвото „Големата Ѕвезда“ да му ја додели на „Вардар филм“.

-Управниот одбор на Друштвото сметаше дека оваа институција која слави 70 години од своето основање, треба да биде наградена со оваа веќе традиционална награда и на тој начин, ние како филмски работници да се заблагодариме и да оддадеме почит на сите оние кои биле вработени во оваа најзначајна институција во развојот на македонскиот филм и сите што биле ангажирани и на тој начин преку оваа продуцентска куќа, придонеле за македонскиот филм, рече Насков

Уметничкиот директор на фестивалот „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска му се заблагодари на новизбраниот директор на Агенцијата за филм на РМ, Горјан Тозија за поддршката за фестивалот, кој присуствуваше на прес конференцијата и рече дека и покрај сите препреки што ги имаше раководсвото во организацијата на фестивалот, тој годинава успеа да донесе одлични филмски и програми и голем број гости.

-Не’ очекува едно навистина возбудливо фестивалско издание и покрај сите сцили и харбриди што ги поминавме овие две години, тоа го знаете ако следевте се’ што ни се случуваше за време на организирањето на овој фестивал. Но, се надевам дека програмски ќе го оправдаме она што цела година го подготвувавме со нашиот тим. Ќе имаме спој на традицијата и иновациите во филмската индустрија тоа е многу често и тоа ќе го забележите низ сите 14 фестивалски програми што не’ очекуваат, рече Теодосиевска.

На крајот, директорот на Фестивалот, Куновски ги објави и имињата на членовите на петчленото жири кое ќе одлучува за наградите Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300 на годинашноиот фестивал. Тоа се: Пол Рене РОСТАД, кинематографер од Норвешка, актуелен претседател на ИМАГО и членовите: Лука КОАСИН, кинематографер од Италија, Јани – Петери ПАСИ, кинематографер од Финска, Даријан ПЕЈОВСКИ, режисер и сценарист, од Македонија и Ерол ЗУБЧЕВИЌ, кинематографер од Босна и Херцеговина.

Без коментари