Се прават напори за конечно решение

0
347

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети во петокот по средбата со еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори Јоханес Хан изјави дека се надева оти во текот на денот ќе биде постигнато решение околу датумот за одржувањето на предвремените парламентарни избори.

Ахмети нагласи дека во моментов се прават сите неопходни напори за да се дојде до конечно решение, поради тоа што „земјата ја очекуваат многу значајни прашања“, и дека датумот за одржувањето на изборите не е главниот проблем, туку дека се разговара околу „неколку технички прашања“.

„Сметам дека сме многу блиску до решение и согласност од сите страни, но ќе видиме подоцна. Методологијата за прочистување на Избирачкиот список и прашањата за медиумите се техничките прашања за кои се разговара. Сметам дека ќе има решение, но сепак ќе почекаме, ќе видиме колку може да се доближат овие прашања за кои сметам дека не постојат големи разлики“, нагласи Ахмети по средбата со Хан.

Ахмети додал дека не смета оти има простор за одложување на изборите за месец и два и дека фокусот мора да биде ставен на стандардните кои се потребни за организирање на изборите.

Еврокомесарот Јоханес Хан досега во текот на денот оствари средби со лидерите на четирите најголеми политички партии во земјата, а подоцна се очекува и заедничка средба, по која би требало да бидат познати и одговорите на преостанатите прашања во врска со спроведувањето на Договорот од Пржино и одржувањето на предвремените парламентарни избори, кои според договорот треба да се одржат на 24-ти април годинава./крај/мф/бс