Се расчистува долниот дел на Драгор

0
162

Почна да се расчистува долниот дел од реката Драгор од железниот мост до базата на Гранит, потег во должина од 1 километар. Финансиите се издвоени од буџетот на Општина Битола, а работите ги изведува Нискоградба. Се планира коритото да се чисти цело лето.

-Во горниот дел често сме расчистувале, но ова го правиме на барање на жителите, рече градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески.
Овој дел од реката Драгор не бил чистен повеќе од 25 години, а жителите имале проблеми со поплавувања.
Директорот на ЈП „Нискоградба” Кире Крстевски напомена дека расчистувањето на овој дел од коритото на реката Драгор би траело околу шеесетина денови, а отпадот кој би го извадиле би бил околу 17 метри кубни.
Исто така, градоначалникот Талески најави голем проект, кој ќе го реализираат Општина Битола, Министерството за животна средина, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии и дел од европските фондови. Се работи за изградба на голем колекторски систем кој ќе ги опфаќа отпадните води од површината на Општина Битола, каде се предвидени седум колектори. Почетокот за реализација на овој проект е предвиден за 2017/2018 година, а вредноста изнесува 23 милиони евра.
Градоначалникот исто така упати апел до граѓаните, иако заврши акцијата за расчистување диви депонии, граѓаните кои ќе забележат дека на некое место се прави дива депонија, да пријават во општинската инспекција.

Без коментари

LEAVE A REPLY