Се шири болеста „јазлеста кожа“

0
1323

Од ден во ден се зголемува бројот на заболени грла добиток од „јазлеста кожа“. Афектирани се околу 580 говеда, соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Болеста јазлеста кожа кај животните е вирусно заболување и не постои ризик за здравјето на луѓето. Месото и млекото не се опасни, човекот може да ги употребува бидејќи болеста ги напаѓа само говедата, појаснуваат од Агенцијата за храна и за тропската болест што првпат се појави во Македонија и воопшто во Европа и интензивно се шири.

Забраната за употреба на млеко и месо од заболени животни е воведена како мерка за да се спречи ширењето на болеста меѓу говедата.

До пред некој ден болеста беше потврдена кај 39 грла, а во контакт со нив биле 524 говеда, кои се потенцијално заразени. Тие ќе бидат нештетно отстранети. Болеста ја има во 14 општини со вкупно 34 жаришта.

Јазлеста кожа се препознава по тоа што предизвикува висока телесна температура кај животните, и до 40 Целзиусови степени, се појавуваат јазлести промени на кожата, доаѓа до пад на млечноста, исцедок од носот и од очите и појава на абортуси кај заболените животни. Доколку сточарите забележат вакви знаци кај говедата, веднаш треба да известат ветеринар или да се јават во Агенцијата за храна и ветеринарство!

Болеста се пренесува преку инсекти (комарци и шталски муви), директно преку контакт меѓу заболено и здраво животно или индиректно преку заразена храна, вода, измет, заразени материјали и опрема.

На сточарите им се препорачува да ги држат говедата затворени во штала и да не ги пуштаат на паша, да не ги мешаат со говеда од соседните и од други одгледувалишта, на шталата да стават мрежи за заштита од инсекти и редовно да прават дезинсекција и дезинфекција, да користат средства против инсекти за да ги заштитат животните од убоди од инсекти.

Исто така, се препорачува одгледувалиштето или шталата да има само еден влез и еден излез, да се дезинфицираат чевлите и рацете при влез и излез од одгледувалиштето/фармата, да се користи заштитна облека при работа која редовно ќе се дезинфицира, да се изолираат болните од здравите животни, по можност во посебна просторија, а работниците што работат со болни животни да немаат пристап до здравите животни на фармата.

Кон крајот на месецот се очекува да стигнат вакцините со кои ќе бидат вакцинирани 225.000 говеда.