Се стопира увозот на животни, јајца и семе од Црна Гора и Словенија

0
652

Македонија го забранува увоз на животни, јајца и семе од Црна Гора и Словенија поради болеста „син јазик“.

Од утре во земјава нема да може да се увезува месо или животни кои се подложни на болеста „син јазик“ која ги напаѓа овците, козите и говедата. Забранетиот увоз важи и за семе, јајца и ембриони.

Словенечката управа за храна и ветеринарство открила две животни заболени од оваа болест, а во Црна Гора состојбата е алармантна.

Болеста последен пат во Македонија беше регистрирана во 2014 година во беровскиот крај, а потоа се прошири и во штипскиот, радовишкиот, кочанскиот и во овчеполскиот регион. Тогаш угинаа 18.000 грла и болеста им направи огромни штети на сточарите.

Против болеста нема вакцина ниту специфичен начин на лекување затоа што станува збор за вирусно заболување. Единствен начин е со зголемување на имунитетот кај животните. Болеста „син јазик“ не се пренесува од животно на човек, но сепак не треба да се консумира месо од заболено животно.

Оваа болест во Европа е ретка и затоа има голема смртност кај заболениот добиток. „Син јазик“ е болест која е честа во Африка.