Се укинува возењето со светла дење

0
810

Дете помало од пет години ќе може да се вози во автомобил на задното седиште исклучиво на специјално детско седиште, задолжително врзано со сигурносен појас. Ова е само една од новините во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој е во собраниска процедура. На совозачкото седиште ќе можете да возите и бебе, односно дете помало од две години, под услов ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење на возилото.

soobrakaj

Во истиот член 164 од Предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изрично се забранува да возите до вас пијан или дрогиран совозач. Казната за превоз на дете без специјално детско седиште и за пијан или дрогиран совозач е 35 евра.Со измените се регулира попрецизно и превозот на животни и на миленичиња во автомобил. Животни ќе може да се превезуваат само во посебно изработени заштитни кутии, како мерка заради поголема безбедност во сообраќајот на патиштата. 

sediste bebe

Со измените, со кои се врши усогласување со европската регулатива, се укинува обврската цело време да ви бидат запалени светлата на автомобилот додека возите. 

И за неконтролираното стискање на т.н. сирени и нервозно свирење по пешаци и други автомобили се воведуваат казни за возачите. Со измените, ноќе возачите ќе мора звучниот предупредувачки сигнал да го заменат со светлосен, освен кога се работи за пешаци слепи лица.
Полицаец ќе може да задржи пијан возач на трезнење во полициска станица или во некоја медицинска установа најмногу 12 часа. Должен е да викне шлеп-служба да му го отшлепа возилото од патот. Трошоците ќе бидат на товар на пијаниот.


За првпат сообраќајните знаци за известување ќе бидат напишани и на француски јазик покрај на македонски, на англиски и на одредени места и на албански јазик. Со измените се предвидува комплетна еднообразба на сообраќајните знаци на територијата на Македонија.


Извршено е дополнување на семафорите. Освен со тробојните светла со црвена, жолта и зелена боја, тие по изгласувањето на законот, ќе треба да бидат опремени со звучни, но и со вибрациони уреди, за лицата со посебни потреби. Со предложеното решение се врши допрецизирање на постојните уреди кои даваат светлосни сообраќајни знаци, односно вршат регулирање на сообраќај и на велосипедисти со дополнително вградување на звучни и вибрациони уреди кои овозможуваат самостојно движење на лицата со посебни потреби во сообраќајот.

velosipedВо новиот предлог Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата кој е на дневен ред на 20 август, предвидени се обврски за носење на заштитен шлем на главата за време на возењето на патот за возачот и лицата кои се превезуваат со велосипед, како и носење на рефлектирачки елек ноќе и во услови на намалена видливост .