Секое чудо за три дена

0
1961

Велат секое чудо за три дена, па така и со играчката фиџет спинер. Ако пред две недели беше вистински хит кај децата , сега продажбата била многу намалена, така велат трговците во Новиот пазар во Нова Битола. Пред две недели тука на секој ќош се продавале вакви фиџет спинери, денес имаше само на две тезги. Зад камерата трговците велат дека ги купувале сите, но најмногу децата. Почнале со цена од 200, па 150, а сега се продаваат по цена 130 денари.

Имено, спинерите служат за подобрување на концентрацијата кај децата со посебни потреби, како што е нарушување на вниманието или АДХД, за децата кои патат од анксиозност и децата со аутизам. Експертите објаснуваат дали треба да се грижите доколку вашето дете не ја испушта играчката од рацете.

Како што велат тие, децата мораат да имаат некаква преокупација. Некогаш тоа било јо-јо, клик-клак, а денес тоа е спинерот. Иако на него гледаме како на „пролазна“ играчка на една генерација, факт е дека неговите ефекти ќе ги видиме во иднина.

Ако спинерот е направен за концентрација и како анти-стрес играчка, тогаш тој не може да има негативни последици врз децата ниту врз возрасните.

Но, спинерот е забранет во неколку училишта во Америка. Експертите велат дека играчките не се за во училиште.

Покрај сè што имаат децата во ова време на технологија – креативни видео-игри или плејстејшн, родителите не можат а да не се запрашаат зошто децата ги привлече една толку механички проста игра.

Експертите велат дека децата имаат потреба за ваква играчка бидејќи е едноставна и претставува спротивност на сè што е комплицирано, што ги опкружува и што им се нуди, како што се таблетите, телефоните и компјутерите. Постои заситување од видео игрите така што децата имаат потреба за нешто што можат да го допрат и што не е виртуелно.

Освен тоа, станува збор и за помодарство. Индустријата на забавата е бескрајна и секогаш бара некои нови простори, а спинерите моментално се тренд кој треба да се следи.


Експертите се согласуваат за едно – популарноста на спинерот го отсликува менталитетот на денешните деца и укажува на голема нервоза и анксиозност која е присутна меѓу младите.