Семејствата на загинати Израелци го тужат Facebook за наводна помош на Хамас

0
210

Група Израелци и Американци поднесоа тужба против социјалната мрежа Facebook, барајќи отштета од милијарда американски долари поради наводно помагање на палестинските исламисти во убиствата на нивните блиски.

Роднините на петмина убиени во палестинските напади во Тел Авив, Ерусалим и на Западниот брег во последните две години, од кои четворица имале двојно израелско-американско државјанство, а еден бил Американец во посета на Израел, го обвинуваат Facebook дека им помагал на радикалните исламисти од палестинското движење Хамас во извршувањето на неговите операции.

Во тужбата што израелската организација за човекови права Шурат Хадин (Shurat Hadin) ја поднесе пред федералниот суд во Њујорк, се наведува дека Facebook ги нарушува антитерористичките закони на САД, „свесно пружал материјална поддршка и средства за Хамас“, помагајќи ѝ на терористичката група меѓусебно да комуницира, да собира членови, да планира и изведува напади, како и да сее страв.

„Во Facebook не може само да седат во својата камена кула во Пало Алто (во сојузната американска држава Калифорнија – з.р.), а истовремено крв да се пролева улиците на Ерусалим и Тел Авив. Компанијата е одговорна пред општеството. Таа не може да служи како социјална мрежа за Хамас“, изјавил адвокатот Нитсан Даршан-Лејтнер, кој ги застапува тужителите, пренесува Associated Press.

Оваа приватна тужба е поднесена откако израелскиот министер за безбедност го осуди Facebook, бидејќи смета дека одбива да помогне во спречувањето на потенцијалните палестински напади.

Портпаролот на Хамас во палестинската енклава Газа, Сами Абу Зухри, тужбата ја прогласил за израелски обид да се уценува Facebook, и го обвини Израел дека оваа социјална мрежа се обидува да ја претвори во шпионска алатка против Палестинците. Додал и дека некои израелски политичари и војници „изразиле гордост поради убивањето Палестинци“ токму на Facebook, пренесува Reuters.