Серена Вилијамс го освои Вимблдон и ја стигна Граф

0
390

Првата тенисерка во светот Американката Серена Вилијамс ја достигна Германката Штефи Граф со 22 освоени „грен слем“ турнири, откако во саботата по седми пат славеше на Вимблдон победувајќи ја во финалето Германката Анжелик Кербер со 7-5 и 6-4.

Инаку ова беше трет обид на Серена Вилијамс годинава да се изедначи со Штефи Граф, откако во јануари загуби во финалето на Австралија Опен токму од Анжелик Кербер, а пред еден месец беше поразена во финалето на Ролан Гарос од Шпанката Гарбиње Мугуруза.

„Беше многу тешко да не се размислува за изедначувањето со Граф. Оваа година веќе имав два обида, но губев од големи противнички. Но, затоа оваа победа е уште послатка, бидејќи знам колку напорно работев за неа“, изјави Серена Вилијамс.

До победата против Кербер, Американката дојде со перфектен сервис, и беше соочена само со една „брирек“ топка, која ја спаси, а освои 38 од 43 поени по првиот сервис. Нејзината противничка потклекна по еднаш во секој сет на свој сервис, а во првиот сет при водство на Вилијамс од 6-5, а во другиот при 4-3.

Сега пред помладата од сестрите Вилијамс и Граф, според бројот на освоените „грен слемови“ е Австралијката Маргарет Курт со 24 титули.