Серија експлозии во летувалишта во Тајланд

0
185

Серија експлозии избувнаа во три од најпопуларните туристички летувалишта во Тајланд синоќа, при што загинаа најмалку четири лица и повредија десетици, соопштува Би-Би-Си.

Четири бомби експлодираа во Хуа Хин, каде жртвите се две. Едно лице загина по две експлозии во Сурат Тани, два напади имаше и во Патонг на туристичкиот остров Пукет. Еден човек стана жртва на напад во градот Транг, две експлозии имаше и во провинцијата Панг Нга.

Покрај градот Транг, овие дестинации се популарни меѓу туристите со своите прекрасни плажи. Властите ја исклучија можноста за меѓународен тероризам и изјавија дека не е познато дали нападите имаат врска со бунтовничките расположенија во јужниот дел на земјата, населена претежно со муслимани.

– Тоа не е терористички напад, туку локална саботажа, рече портпаролот на полицијата на прес-конференција во Бангкок. Шефот на тајландската воена хунта ги осуди нападите и изјави дека тие имаат за цел најверојатно да предизвикаат хаос, пренесе агенцијата Франс прес, цитирана од агенциите. Генералот Праут Чан-оча управува од 2014 година, кога ја доби власта преку државен удар.