Шекспир живее во Битола

0
488

 

Со македонска музика и традиционални македонски инструменти, беа дочекани гостите на 4- тото издание на Битола Шекспир фестивалот.

А потоа во центарот за култура со музичко – сценскиот перформанс на култниот битолски бенд „Фолтин“, кои подготвија музичка програма инспирирана од делата на Шекспир, официјално започна фестивалот.

Во перформансот насловен „Шекспир засекогаш“ учествуваа актери од Санкт Петерсбург, Русија, како и од Народниот театар од Битола.

-Нека биде театар, истакна актерката Соња Михајлова отварајќи го фестивалот.

Во следните денови на програмата на годинашното фестивалско издание кое се одржува во рамките на светската прослава на јубилејот ­ 400 години од смртта на Шекспир, се 10 тина претстави.

Оваа година „Битола Шекспир фестивал“ стана рамноправен член на Европската асоцијација на Шекспир фестивали.

Еден од основачите на фестивалот и режисер со кој битолскиот театар има долгогодишна соработка Џон Блондејл го истакна задоволството што овој фестивал од година во година е се подобар.

Во рамките на фестивалот ќе се одржат и две работилници и презентација на книги печатени во 3Д технологија, организирани од полски уметници, а посветени на делото на Шекспир.

Вториот фестивалски ден продолжува со гостувањето на Итака арт центарот Ингија и народниот театар од Шабац Србија, со претставата Перикле во режија на Никита Милијовевиќ, кој пред неколку години во Битола, ја постави претставата Розенкранц и Гилдестерн.