Шест битолски татковци на породилно боледување

0
4513

Се зголемува бројот на татковци што, наместо мајките, остануваат на породилно боледување и чуваат бебиња, покажуваат податоците на Фондот за здравствено осигурување. Само во првите шест месеци од годинава на боледување останале 27 мажи, што е драстично поголема бројка во споредба со минатата и со претходните години.

Лани, во текот на цела година, биле регистрирани 29 мажи што го искористиле законското право на боледување наместо сопругите. Во 2014 година, во ФЗО биле регистрирани 14 мажи, во 2013 година биле 16, а годината претходно во ФЗО биле регистрирани 19 мажи на породилно боледување.
Оваа година најмногу од татковците што менуваат пелени се од Скопје. Следуваат Битола со шест мажи на породилно, Охрид со тројца, по двајца татковци на породилно има во Радовиш и во Велес и по еден во Демир Хисар, Тетово, Струмица и во Кочани.
Најчесто породилно боледување користат мажи кои одлучиле да седат дома од финансиски причини – односно нивната сопруга заработува повеќе од нив. Има и такви што остануваат дома да чуваат бебе ако мајката е болна или ако починала.
Право на платено отсуство имаат или мајката или таткото. Колку што е платата на лицето кое користи породилно, толку пари му плаќа државата девет месеци. Ако таткото сака да го искористи правото на боледување, треба само да достави Извод на родени за детето и потврда дека мајката се враќа на работа.
Според законските одредби, родилката не смее да се врати на работа во рок пократок од 45 дена по породувањето. Ако по тој рок почне да работи, има право на платена пауза за доење во траење од 1,5 час дневно, во кое време се пресметува и дневната пауза. Мајката го има тоа право додека детето наполни една година. Исто така, работодавецот за време на нејзината бременост е должен да ја распредели на друго работно место доколку постојното може да биде ризично за нејзиното здравје.

Рекордер за користење породилно за мажи е Исланд, каде што дури во околу 90 отсто од случаите татковците се носители на правото на породилно боледување. Просечно, во Шведска тоа го прават 85 отсто од татковците, во Германија 15 отсто, а во Велика Британија 8 отсто. Принципот што го следат практичните Швеѓани е – кога жената има повисока плата и кариера што ѝ носи добра заработка, тогаш мажот е тој што го чува детето. Должината на породилното отсуство е до една и пол година.