Шест цивили убиени во Сирија во област каде дејствуваат авиони на коалицијата

0
244

Шест лица се убиени а уште четири се ранети во сириското место Хасаџек, каде што е регистрирано дејствување на два белгиски авиони од типот „F-16“ од антитерористичката меѓународна коалиција предводена од САД, соопшти рускиот Центар за помирување во Сирија.

Според информациите кои ги добиле во рускиот Центар за помирување на завојуваните страни во Сирија од страна на локалниот совет на градот Африн во северната покраина Алепо, во вторникот во 3 часот утрото по локално време врз селото Хасаџек бил извршен воздушен удар.

„Во бомбардирањето биле разурнати два дома, загинале шест а ранети се четири луѓе. Авиони на руската или на сириската авијација во оваа област немаше. Во областа на селото Хасаџек ноќта на 18-ти октомври задачи извршувале авиони на меѓународната коалиција. Со помош на контролата за летање во даденото време се регистрирани два ‘F-16’ на воздухопловните сили на Белгија“, се наведува во извештајот на рускиот центар објавено на страницата на министерството за одбрана.

Седумдневниот период за прекин на огнот договорен меѓу Русија и САД истече на 19-ти септември, кога руското министерство за одбрана објави дека тоа повеќе нема смисла бидејќи според него до него се придржувала само сириската армија, додека бунтовничките опозициски групи вклучително и екстремните исламистички го искористиле примирјето да се прегрупираат и да се вооружат и притоа не го почитувале режимот на прекин на непријателствата.

Веднаш потоа на 22-ри септември сириската армија објави дека започнува операција за ослободување на источните квартови на вториот по значење сириски град Алепо, кои се под контрола на бунтовничките и исламистичките групи. Оваа операција е главната причина САД еднострано да се повлечат од координацијата со Русија во Сирија, обвинувајќи ги владините и руските сили дека гаѓаат цивилни цели во градот. Москва и Дамаск, пак, тврдат дека од воздух дејствуваат само врз бунтовничките позиции на периферијата од градот, и го обвинуваат Вашингтон дека не влијае врз опозициските групи да се дистанцираат од исламстичките организации кои се на листата на ОН на терористички организации./крај/мф/сн

Без коментари

LEAVE A REPLY