Шкендија го расипа роденденот на „Чкембарите“ и го совлада Пелистер

0
872

Во величествен амбиент на стадионот под „Тумбе кафе“ Пелистер и Шкендија одиграа одличен натпревар пред 5.000 гледачи кои дојдоа да го прослават 31. роденден на навивачката група „Чкембари“. Шкендија во една минута го сврте резултатот и го совлада борбениот Пелистер со 1-2 (1-0).

Двете екипи започнаа отворено и со тактичка битка на Љамчевски и Акраповиќ. Пелистер се закани преку Љамчевски, а па голема шанса имаше Бесарт Ибраими по акцијата на Хасани. Се играше 21. минута кога домашната клупа беше приморана да ја изврши првата замена, бидејќи Степановски се повреди, а на негово место во игра влезе Тодоровски.

Нововлезениот фудбалер веднаш се закани со удар од голема далечина, но топката заврши крај дирекот на Захов. Тоа како да беше најава за водечкиот гол, бидејќи во 31. минута по центаршутот на Фернандо, голманот на Шкендија, Захов извиси, а Лукас на втора статива само ја втурна топката во празната мрежа.

Голот само ги осоколи битолчани дека може да играат против најсилните екипи во лигата и до одморот се играше енергично. Дејан Јакимовски покажа четири жолти картони, а на одмор домаќините заминаа со минимално водство.

Во вториот дел Шкендија играше офанзивно, во игра влезе Радески и неколку пати Пашовски со освоите интервенции ги спасуваше домаќините.

Сепак во 85. минута по една прекрасна двојна комбинација, Хасани ја погоди мрежата на Пашовски, што е прв примен гол на битолчани на својот стадион оваа сезона. Не се ни созедоа, а пелистерци примија уште еден гол. Пак иницијатор беше Хасани, а Стенио Жуниор го матираше Пашовски за прв гол против поранешниот клуб.

Пелистер во судиското надополнување преку Трифуновски ја имаше последната закана. Мечот се одигра во прекрасен амбиент, а во вториот дел беше во неколку минутен прекин, заради некоректни слогани на домашните навивачи.

Без коментари

LEAVE A REPLY