Шкотска бара нов референдум, Лондон се противи

0
159

Шкотските пратеници, вчера, гласале да и’ се овозможи на премиерот Никол Старџон да поднесе официјално барање до британската влада за одржување на нов референдум за независност на Шкотска, во очи на формалното покренување на процесот на излез на Велика Британија од Европската унија.

За поднесување на барање за одржување на нов референдум гласале 69 пратеници, додека 59 биле против, објави новинската агенција „Франс Прес“, пренесува Нетпрес.

Премиерот на Велика Британија, Тереза Меј, претходно најави дека денеска ќе го активира членот 50 од Лисабонската спогодба, со кој ќе се покрене процесот на напуштање на земјата на Европската унија, и тоа по 44 години членство, и дека отпочува преговори за излез за кои верува дека ќе траат околу две години. За одржување на референдум за независност на Шкотска потребно е одобрување од британската влада, но Тереза Меј веќе кажа дека „сега не е време за тоа“.

Никол Старџон, пак, лани изјави дека Шкотска е приморана да ја напушти Европската унија, против своја воља. Последните истражувања на јавното мислење покажале дека поддршката за независност на Шкотска изнесува 46 отсто, што всушност е најголема од 1999 година, откако се врши вакво истражување, до сега.