Штајнмајер одново ја предупредува Македонија

0
530

Штајнмајер е загрижен дека по амнестијата на Иванов, Македонија е загрозена од внатрешно-политички турбуленции. Отежнат патот кон ЕУ и НАТО. Критика за блокираното ЕУ посредништво, пишува Дојче веле.

Шефот на германската дипломатија Франк- Валтер Штајнмајер ја предупреди Македонија дека си го блокира патот кон ЕУ и кон НАТО. Штајнмајер вчера во Берлин се сретна со албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати. На средбата долго се разговарало и за состојбата во Македонија.

„Се надевам дека во Македонија постои реалистичен поглед на нештата, дека растечката нестабилност и долготрајните конфликти многу ќе го отежнат патот кон ЕУ и НАТО“, рече Штајнмајер, запрашан да ги коментира најавите за можни санкции кон земјата и кон одредени политичари, кои неофицијално ги најавува ЕУ.

Штајнмајер смета дека по секоја цена мора да се спречи избувнување на насилство. Иако не објасни на кого конкретно мисли, шефот на германската дипломатија ја критикуваше и блокадата на посредништвото од ЕУ.

„Жално е што завојуваните партии ги блокираат обидите за посредување од страна на ЕУ“, рече Штајнмајер.

Ова е веќе трета реакција од официјален Берлин за кризата во Македонија, откако претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за широка амнестија на политичари и нивни соработници. Цел на критики во најголем дел беше токму Иванов кому отворено му се префрла дека го нарушил Договорот од Пржино.

„Одлуката на македонскиот претседател е нарушување на Договорот (од Пржино, н.з.). Како што веќе се изјасни и министерот за надворешни работи (Штајнмајер н.з.) мора да се работи на компромис и да се почитува договореното“, изјави портпаролот на германското МНР, Мартин Шефер на 20 април годинава.

Без коментари

LEAVE A REPLY