Што договорија Обама и Путин во получасовниот разговор во Анталија

0
596

„Претседателот Обама и претседателот на Русија Путин одржаа конструктивен разговор на маргините на Самитот на Г-20 во Анталија, Турција“, соопшти денеска Белата куќа.

Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Барак Обама се согласиле за потребата за прекин на огнот во Сирија и за преговори во ОН меѓу конфликтните страни, објави Белата куќа.

Претходно денеска двајцата претседатели одржаа неформална средба на маргините на самитот на Г20 во Турција во Анталија.

„Претседателот Обама и претседателот Путин се согласија околу потребата за политичка транзиција предводена од Сирија и што ѝ припаѓа на Сирија, која ќе продолжи со преговори меѓу сириската опозиција и режимот посредувани од ОН, како и со прекин на огнот“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Обама ги поздрави напорите на сите земји во борбата против Исламска држава, истакнувајќи ја важноста воените дејства на Русија во Сирија да се фокусираат на таа група, се вели во соопштението.

Кремљ исто така е позитивен во врска со разговорите, а Путиновиот помошник Јуриј Ушаков рече дека Русија и САД имаат слични стратегиски цели во борбата против тероризмот, иако постојат разлики во тактиката.

„Ова беше можност да се разговара мошне темелно и дискусијата беше фокусирана на две теми – во почетокот на Сирија, а потоа и на Украина“, им рече Ушаков на новинарите, додавајќи дека повеќе време ѝ било посветено на Сирија.

 Освен тоа, претседателот Обама изразил сочувство за минатомесечното уривање на рускиот патнички авион во Египет, што резултираше со смрт на 224 лица, соопшти Белата куќа во своето соопштение.
www.mkd.mk