Што е Членот 50 и зошто тој е толку клучен во дебатата за брегзитот?

0
1010

Тој е долг само 250 збора, но веднаш стана дефинирачка клаузула во вербалната војна меѓу Британија и ЕУ, вели Гардијан.

Ретко некои 250 збора биле толку важни – пет кратки, нејасни пасуси во Европскиот договор што наеднаш станаа важна политичка валута по одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ.

Членот 50 од Лисабонскиот договор одредува како една ЕУ-земја може доброволно да ја напушти Унијата. Текстот е нејасен, речиси како подготвувачите да мислеле дека е малку веројатно дека некогаш ќе биде употребен. Сега тој е предмет на спор меѓу лидерите на ЕУ, кои очајно бараат некаква сигурност по гласањето за брегзит, и брегзитерците во Велика Британија, кои играат на картата време.

Членот 50 вели: „Секоја земја-членка може да одлучи да се повлече од Унијата во согласност со сопствените уставни барања.“

Тој одредува дека оној што заминува треба да го извести Европскиот совет за својата намера, да склучи договор за своето повлекување и да воспостави правна основа за идните односи со ЕУ. Од европска страна, според договорот е потребно квалификувано мнозинство од земји-членки и согласност од Европскиот парламент.

Единствениот вистински квантитативен детаљ во овој член е одредбата што им дава на преговарачите две години од денот на известувањето за Членот 50, за склучување нови договори. Ако не се стори тоа, државата што излегува испаѓа од ЕУ без нови функционални одредби, освен ако сите останати членки на ЕУ се согласат да се продолжат преговорите.

Ниту една земја не го активирала Членот 50 – досега.

Кога може да се случи тоа?

Британското гласање за излегување не бара владата веднаш да го активира Членот 50, бидејќи референдумот не е правно обврзувачки. И навистина, прашањата како и кога да се извести ЕУ станаа главен тактички спор во часовите што следуваа по четврточното гласање.

Во говорот во кој даде оставка, Дејвид Камерон јасно стави до знаење дека не брза да го притисне копчето. „Преговорите со Европската Унија ќе треба да ги почне новиот премиер и мислам дека е во ред тој нов премиер да ја донесе одлуката за тоа кога да се активира Членот 50 и да го почне формално-правниот процес на напуштање на ЕУ“, рече тој.

Така, тој им направи услуга на луѓето што направија најмногу за да го симнат од власт – Борис Џонсон и Мајкл Гоув. Обајцата тврдеа дека не треба да се брза со тоа: ако се брза, часовникот ќе почне да отчукува, што ќе ја стави Британија во незавидна ситуација во преговорите во време кога нејзината политичка класа е во хаос.

Но два штаба вршат силен притисок топката да почне да се тркала. УКИП не гледа причина за одложување, а лидерот на партијата, Најџел Фараџ, повика на акција „најскоро што е човечки можно“. Можеби уште поважно, европските лидери, фрустрирани, лути и енормно разочарани во британското самонаметнато заминување, сакаат проблемите да се решат умно, за неизвесноста да се задржи на минимум и да се спречи ширење на заразата.

Германскиот министер за надворешни работи, Франк-Волтер Штајнмаер, во саботата, по средбата со колегите од пет други држави-основачи на ЕУ, рече: „Заедно тука велиме дека овој процес мора да почне што е можно поскоро“. Претходно, Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, рече: „Нема никаква смисла да се чека до октомври за да се преговара за условите за нивното заминување. Јас би сакал тоа да почне веднаш“.

Што може да направи ЕУ?

Но колку Европејците и да сакаат да се забрза процесот, правните можности за тоа се штури.

Кенет Армстронг, професор по европско право на Универзитетот во Кембриџ, рече: „Не постои механизам да се принуди една држава да се повлече од Европската Унија. Членот 50 постои за да им овозможи да се повлечат, но ниту една друга страна нема право да се повика на Членот 50, ниту една друга држава или институција. Иако одложувањето политички е многу непожелно, правно не постои ништо што може да ја принуди државата да се повлече“.

Единствената карта што ЕУ ја држи в раце е еден друг член на Лисабонскиот договор – но тоа е голема карта, кец на десетка. Според членот 7, ЕУ може да ја суспендира членката ако смета дека таа ги прекршува основните принципи на слободата, демократијата, еднаквоста и владеењето на правото.

Но Никос Скутарис, професор по правото на Европската Унија на Универзитетот на Источна Англија, вели: „За да се активира членот 7, мора да постои причина тоа да се стори со основните вредности на ЕУ, демократијата и владеењето на законот и така натаму. Тој никогаш не бил употребен. Имало случаи кога имало закани дека ќе се употреби, во 1990-тите, кога постоеше можност неонацисти да влезат во една австриска коалиција. Во последно време за тоа се водеа некакви дискусии во врска со Полска и Унгарија, но многу е тешко ова да се примени во Велика Британија. Јас не мислам дека Европската Унија ќе го употреби она што го сметаше за нуклеарно оружје“.

Што ќе се случи следно?

Откако ќе се активира Членот 50, Советот на министри на ЕУ со квалификувано мнозинство ќе договори преговарачки мандат, во форма на директиви до комисијата.

Тие ќе мора да се договорат за условите за развод, во суштина збир од упатства и црвени линии за Европската комисија, која би била задолжена да ги раководи разговорите. Процесот е замислен така што да ѝ даде на ЕУ надмоќ над државата што заминува, според Ендрју Даф, поранешен либерално-демократски европратеник што помогнал во составувањето на Членот 50. „Не може да дозволиме државата што се отцепува премногу долго да ги врти работите. Клаузулата става поголем дел од картите во рацете на оние што остануваат.“

Целосниот обем на задачите со кои се соочува британската влада допрва ќе стане јасен. Велика Британија ќе мора повторно да преговара за договори на ЕУ од 80.000 страници, да решава кои од нив да се зачуваат во британските закони, а кои да се отфрлат. Британските официјални лица приватно изјавија дека никој не знае колку долго ќе потрае тоа, но некои министри велат дека тоа ќе го заглави парламентот со години.

Како што веќе беше иронично истакнато, постои само еден преседан на кој може да се повикува тука. Гренланд ја напушти ЕУ во 1985 година, по двогодишни преговори. Земјата има население од 55.000 и само еден производ: риба.

www.mkd.mk