Што и колку увезуваме?

0
518

Компири од Босна и Херцеговина, сушен зеленчук од Индија и Кина, лубеници од Белорусија е само мал дел од асортиманот на овошје и зеленчук кој лани се нудел на рафтовите во маркетите и тезгите на пазарите. Табелата со земји од кои сме ја увезувале оваа храна е прилично шаренолика. Иако Македонија е земјоделска земја, со овие продукти се храни и од увоз. Според Агенцијата за храна и ветеринарство минатата година од Грција Турција, Албанија, соседна Србија и од други земји увезени биле 6.096 пратки со 112.817.804 килограми овошје, зеленчук и нивни преработки.Овошје и зеленчук се увезуваат и за да се зголеми понудата на домашниот пазар, но и како суровина за производство во индустријата за храна.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на домашниот пазар, лани, освен македонски, се нуделе компири и Србија, Хрватска, Косово, Австрија, Босна и Херцеговина, Франција и Грција. Од овие држави сме увезле 989.315 килограми компири. Сме јаделе домати од Албанија, Грција, Турција, Италија, но и Белорусија.

Најмногу лук сме увезувале од Кина (97.960 килограми), додека праз од Албанија. Краставици и корнишони трговците обезбедувале и од Албанија, Грција и Србија. Сушен зеленчук, цел или сечен на парчиња, од увоз се користело најчесто од Индија и Кина.

Сушен мешункаст зеленчук, во зрно, лупен или нелупен како и кршен, грав, сме увезувале, меѓу другите, и од: Киргистан (3.375.524 килограми), Молдавија (65.500 килограми), Египет (296.000 килограми). Леќа сме увезувале главно од Канада и Русија, вкупно 446.087 килограми.

Минатата година сме увезле 162.266 килограми свежи јагоди најмногу од Албанија и Грција, а мали количини од Холандија и Белгија. Свежи сливи, пак, во 151.089 килограми ни обезбедиле трговци од Србија, Јужна Африка, Бугарија, Босна и Херцеговина, но и од Шпанија, Чиле, Албанија, Грција, Италија, Јужна Африка и малку од Бразил.

Најмногу праски сме внеле од Грција и Русија, додека најмногу дуњи од Грција и Турција. Лани сме изеле и 975.795 килограми увозни круши, главно од Србија, Турција, Босна и Херцеговина, Италија, Јужна Африка и Аргентина.

Македонија има свои јаболкa, но на пазарите и рафтовите во маркетите се продаваат и увозни. Така во 2016 година сме внеле 547.452 килограми увозни јаболка, најмногу од Грција, Босна и Херцеговина, Албанија и Италија.

Албанија е и прва замја на листата од каде што увезуваме лубеници (1.068.135 килограми), а трговците ги носат и од Грција, Белорусија, Романија и Србија. Трпезно грозје, пак, освен од Словенија, сме јаделе и од Чиле, Италија, Перу, Русија, Јужна Африка.

Лани сме изеле и исцедиле 6.200.372 килограми лимони, а тие биле, меѓу другите и од Турција, Грција, Аргентина и Шпанија. Банани, пак, ни обезбедиле во Еквадор, Колумбија, Костарика и Мексико.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат контрола на овошјето и зеленчукот и нивните преработки кои се увезуваат во земјава.

– Минатата година се земени и анализирани 984 мостри од увозот. Забранет е увоз на 177.509 килограми овошје, зеленчук и преработки од овошје и зеленчук поради неусогласеност со безбедносните критериуми, во најголем дел поради зголемено присуство на остатоци од пестициди – велат од Агенцијата.