Што изјавија политичарите за денешниот изборен ден?

0
666

Во 19 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните на Република Македонија денес можеа да гласаат на предвремените парламентрани избори. Првичните резултати од гласањето ДИК ќе ги објави во рок од 12 часа, а конечните по 24 часа од завршувањето на гласањето.

Додека се пребројуваат гласовите еве што изјавија дел од политичарите за денешниот изборен ден.

-Денеска е денот кога сите граѓани ја имаат повторно моќта во своите раце да одлучат кој во наредниот период ќе управува со државата, во кој правец ќе се движи таа и какви политики ќе се водат – Никола Груевски

– Овие избори се многу битни за имиџот на државата, но и за натамошните демократски процеси – Али Ахмети

– Денес е историски ден за граѓаните на Република Македонија и за Република Македонија. Ова денес е ден во кој што ќе се бира за живот, за иднината на нашата земја. Ова денес е ден на кој се бира за напредна, слободна и единствена Македонија. Прв чекор кон тоа е слободно изразена волја на граѓаните на Република Македонија. Се надевам дека и токму тоа денеска ќе се случи – Зоран Заев

-Очекувам дека по пребројувањето на гласовите политичките субјекти ќе ги прифатат резултатите бидејќи тоа е волјата на граѓаните и од тоа нема бегање. На еден начин, со ова отвораме нова страница во нашата историја со влегување во помирни води, со формирање политичка влада, оставање на кризата зад нас и концентрирање на реализација на изборната програма на онаа партија што ќе ја добие довербата од народот – Емил Димитриев

– Поразениот достоинствено да ги прифати резултатите и да му ја честита победата на победникот, а победникот да не се однесува реваншистички, туку веднаш да се зафати со работа. Максимално да се посветиме на решавање на приоритетите и секојдневните проблеми на граѓаните и да ги надоместиме изгубените две години политичка криза – Стевче Јакимовски

– Посакувам, најискрено посакувам, и тоа е добро за Република Македонија, по завршувањето на изборите, по пребројувањето на гласовите, поразениот да излезе и да му честита на победникот. А победникот да работи понатаму за доброто на Република Македонија, да престане вештачко наметната политичка криза и да продолжиме ние да работиме за доброто и за економски просперитет и на граѓаните и на Република Македонија. Тоа е наша должност како политичари да го направиме – Трајко Вељаноски

-Очекуваме во најскоро време да се конституира новиот состав на Собранието, да се избере влада и владата да ги исполни сите ветувања што ги даде во предизборниот период. Очекуваме конечно да излеземе од политичката криза и да се посветиме на нашите стратегиски цели, да ја вратиме евроатлантската агенда на највисокото место, да биде приоритет на државата – Ѓорѓе Иванов