Што кријат договорите со странските инвеститори?

0
390

Која странска компанија колку субвенции од земјава добила, оваа тајна што со години претходната Влада ја криеше дури и од пратениците, сега ќе биде обелоденета. Актуелната Влада, одлучи сите договори на странските компании, склучени со претходната влада, а со кои се добиени субвенции да станат достапни до јавноста, и да се декласифицираат. Претходната Влада пак, сумите ги држеше во тајност, па дури и кога извештаите се праќаа во Собрание, беа без суми н на нивно место беа испишани иксови (XXX).

За најголемиот дел од експертската јавоност, која сите изминати години, постојано алармираше дека податоците треба да бидат јавни, за да се направи и квалитетна анализа за исплатливоста на државните субвенции и привлекувањето на странските инвеститори, одличен е потегот податоците да станат јавни.

„Го поздравувам потегот да се декласифицираат информациите за субвенциите на странските фирми. Тоа се јавни пари, на граѓаните, и мора да се знаат износите. Особено агрегатниот износ, односно вкупно потрошените пари за субвенционирање мора да биде транспарентен. Тоа ќе овозможи и прецизно да се проценат трошоците наспроти придобивките од политиката на странските директни инвестиции, врз основа на што, пак, ќе може да се крои или прекрова оваа политика. Притоа, сметам дека оваа политика треба да остане на сила, меѓутоа ајде да изградиме општенствен консензус што и колку ќе субвенционираме“, вели универзитскиот професор Марјан Петрески.

за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најавата за декласификација на податоците само ќе ја намали конкурентноста и ќе одврати многу странски инвеститори да инвестираат во земјава.

„Компаниите кои доаѓаат не посакуваат јавно објавување на нивните договори и приходи по основ на субвенции, а тоа не и одговара ни на државата. Прво затоа што се откриваат позициите пред другите земји конкуренти. А, најчесто еден инвеститор во процесот на одлука „го бркаат“ најмалку 5-6 држави со различни понуди кои најчесто не се објавуваат, бидејќи секој нареден инвеститор ќе бара најмалку иста субвенција од оној кој добил најголема, што не е добро и ја става државата во подредена улога. Понекогаш кога конкуренцијата на земји за еден инвеститор е голема и силна, а неговата важност огромна, субвенциите се поголеми, а некогаш може да се успее и со помали субвенции, тоа е предмет на преговори, а во поретки случаи се успева и без субвенции, изјави Христијан Мицковски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

www.faktor.mk

Без коментари