Што се работи во индустриската зона Жабени

0
398

На барање на фабриката „Кронберг и Шуберт“, Општина Битола започна со реализација на проектот за изградба на пристап до фабриката од нејзината десна страна. Фабриката веќе се проширува и за нови 1500 вработувања.

„Според најновата информација од вчера, тука се вработени 4400 наши граѓани, така што ние веднаш се согласивме и пристапивме кон градежни активности во овој дел на ИЗ Жабени, затоа што ќе им треба пристап, а пристапот од левата страна не им е доволен за да ги прифати сите вработени, од сите смени. Се работи за завршена атмосферска канализација во должина од околу 170 метри која е поврзана со останатиот дел од атмосферската канализација, како и коловоз во должина во 660 метри и паркинг простор. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 13 500 000 денари“, изјави градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески.

Градоначалникот Талески потсети дека инвестициите во Индустриската зона „Жабени“, продолжуваат да се реализираат со зголемен интензитет:

„Во првите два мандати, некои од медиумите знаеа да не обвинат дека гледале сончогледови полиња, но како што забележувате, тука нема таква работа. Напротив, има два објекти кои веќе се почнати да се градат, трет ќе почне на почетокот од овој дел, а од другата страна каде што имаме пристап има тројца инвеститори кои што веќе го купија земјиштето и чии што проекти се веќе во фаза на изработка. Вкупната инвестиција која што Општина Битола досега ја има вложено во Индустриската зона „Жабени“ е над 290 000 000 денари, односно 4 780 000 евра. Сето тоа го правевме, затоа што сме првите, кои што понудивме максимални услови за инвеститорите, бидејќи ценевме дека еден од главните приоритети кој што се покажа на нашите анкети, уште првиот мандат, беше невработеноста. Бевме убедени дека правиме добро дело и еве резултатите се покажуваат денес, затоа што вработувањата од ден на ден се зголемуваат“, додаде Талески.

Со постојаното проширување на фабриката Кронберг и Шуберт во зоната, веќе се врши приближување кон проектираната бројка на корисници во изградените капацитети во зоната, која изнесува 5000.

„Кога ќе се завршат објектите на останатите фабрики, кои секако нема да бидат со капацитет како Кронберг и Шуберт, но ќе бидат со 100, 300 или 600 вработувања итн. многу брзо бројката ќе се надмине, што значи дека треба да се планира проширување на капацитетите на ИЗ Жабени и се надевам дека и тоа ќе остане приоритет на следниот мандат на локалната самоуправа“, информираше градоначалникот Талески.

На денешната прес конференција, директорот на Индустриската зона Жабени, Сашо Илковски информираше дека во изминатите две години во зоната градежни парцели имаат купено турската фирма „Челмак“, грчката „Цереметал“ и италијанската „Натуралиа фуд“. На последниот повик од Општина Битола, интерес покажа и домашна компанија која планира производство на термоизолациони панели и за изградба на својот капацитет купи земјиште од 2500 метри квадратни, додека пак, во изминатите три месеци со градба започнаа и две домашни компании „ФАЛКО“ и „Еуроинжинеринг“.

 

Без коментари