Што зборувале Обама и Путин на првата средба по 2 години

0
4616

Русија и САД во понеделникот се согласија да бараат дипломатски крај на граѓанската војна во Сирија, но се судрија околу централното прашање за тоа дали сирискиот претседател Башар ал-Асад треба да ја задржи власта.

За време на 90-минутната средба, која беше предвидено да трае 55 минути, американскиот претседател Барак Обама и рускиот претседател Владимир Путин се согласија дека нивните вооружени сили треба да одржат разговори за да се избегне влегувањето во конфликт во Сирија, откако во последните неколку недели и Русија е воено присутна таму.

По средбата со Обама, Путин им рече на новинарите дека Русија размислува што може повеќе да направи за да им помогне на сириската влада и на курдските сили против Исламска држава.

„Денешната средба беше многу конструктивна, практична и изненадувачки искрена. Најдовме многу заеднички работи, но постојат и разлики. Во суштина тие се познати, па нема потреба да ги повторувам“, рече Путин.

„Ние размислуваме што навистина би можеле уште да направиме за да им помогнеме на оние што се на бојното поле, што се борат со терористите, пред сè со ИСИС“, рече Путин, отфрлајќи ја можноста дека ќе ги прати руските копнени сили.

„Постои можност на заедничките проблеми да работиме заедно“, рече Путин за својот разговор со Обама, кој еден американски официјален претставник го опиша како „деловен“.