Штрајкот во судовите продолжува

0
429

Продолжува со исто темпо штрајкот на над 2.000 вработени во судската администрација, кој почна пред повеќе од еден месец. Во судовите се работат само итните предмети, притворски предмети, стечај, старателство, издавање уверенија за патувања во странство и вработувања. Сите други предмети се во статус кво.

Според претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски, Синдикатот доставил предлог- спогодба до Министерството, со обврски за двете страни, со која се бара исполнување на клучните барања на вработените, од што ќе зависи дали и кога ќе се стави крај на долгиот штрајк на судската администрација.

Адвокатската комора на Македонија завчера испрати соопштение во јавноста со кое изразува поддршка за штрајкот и се бара од надлежните институции што поскоро да најдат прифатливо решение за проблемите што се причина за штрајкот.

„Со целосно почитување на законското право на штрајк, нагласуваме дека адвокатите трпат последици од неработењето на судовите, со што го изразуваме интересот за што поскоро завршување на штрајкот“, се наведува во соопштението на Адвокатската комора, испратено до Министерството за правда, Судскиот совет и до УПОЗ.