Шведска спаси бод против жилавата Ирска

0
457

Во мечот од првото коло на Групата А од европскиот фудбалски шампионат на „Стад де Франс“ Ирска и Шведска одиграа без победник 1-1, а Швеѓаните без ниту еден шут во рамките на голот дојдоа до погодок и го избегнаа поразот. Ирска поведе со голот на Вес Хулах во 48, а Шведска изедначи во 71 минута со автоголот на Кјаран Кларк.

Фудбалерите на Ирска беа значително подобри во првото полувреме, создадоа неколку добри можности за постигнување погодок, а најдобрите ги имаа во 15 и 32 минута. Прво Кларк со глава ја продолжи топката на втората статива, а на О’Ши му недостигаа само неколку сантиметри да ја уфрли топката во мрежата, а во втората шанса Хендрик ја погоди стативата.

Ирците и во второто полувреме се претставија како поамбициозен тим, па уште во 48 минута Шејмас Колемна се проби по десната страна и одлично нафрли за Вес Хулах, кој со полуволеј ја доведе својата репрезентација во водство.

Шведска, пак, и по примениот гол делуваше безидејно и јалово, како сите да очекуваа проблемите да ги реши Златан Ибрахимовиќ. Тоа и се случи, откако довчерашниот играч на ПСЖ влезе крај корнер линијата во казнениот простор на противникот остро нафрли пред ирскиот гол, а Кларк со глава ја смести топката во сопствениот гол.