Си-Ен-Ен: САД се подготвуваат за формално обвинување и апсење на Џулијан Асанж

0
341

Американските правосудни власти се подготвуваат за покренување формално обвинение за основачот на Викиликс, Џулијан Асанж и за негово апсење, јавува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извори во Министерството за правда.

Откритието на оваа телевизиска компанија доаѓа откако новиот директор на ЦИА, Мајк Помпео го обвини Викиликс дека дејствува како непријател на САД, а Државниот обвинител Џеф Сешнс вчера рече дека „апсењето на Асанж станува приоритетно прашање“.

Промената во позицијата на американските власти кон Викиликс и Асанж„ што се провлекува безмалку седум години, се објаснува со откривањето нови моменти во случајот.

Според Си-Ен-Ен, откриени се докази дека Асанж му помагал на Едвард Сноуден во неговото обелоденување на украдените класифицирани документи на Националната агенција за безбедност (НСА) пред тој да побегне, преку Хонг Конг, во Русија, каде и сега престојува.

Министерството за правда на САД, својата прва истрага ја започна уште во 2010 година, кога Викиликс објави илјадници доверливи и тајни документи на американската влада, што ги украде поранешниот аналитичар на военото разузнавање, сега познат како Челси Манинг.

Формално обвинување, сепак, не беше подигнато поради правните пречки што ги носи првиот амандман на американскиот Устав.

http://novamakedonija.com.mk