Сиераневада прикажан во Битола

0
394

По свечената проекција на филмот Сиераневада, на која беше претставен македонскиот тим на чело со Лабина Митевска чија продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски“, беа македонски копродуценти, на денешната прес конференција, директорот Благоја Куновски – Доре разговараше со дел од македонската продукција на филмот на наградуваниот романски режисер Кристи Пуиу.

Сиера Невада е филм кој отвори многу дискусии како за формата и начинот на снимање, така и за содржината. Куновски истакна дека романската кинематографија е светол пример за современост и актуелност.

Тимот составен од продуцентката Лабина Митевска, монтажерот на звук Атанас Георгиев и асистентот на режија Иво Бару, ги пренесе своите искуства од работата на овој филм кој претставува сложена европска копродукција помеѓу Романија, Македонија, Босна и Херцеговина, Франција и Хрватска.

Освен Митевска и Бару и Атанас Георгиев, монтажер на звукот говореше за несекојдневното искуство да се работи со овој врвен романски режисер.

Лабина Митевска изрази благодарност до фестивалот за можноста нивниот филм да се прикаже овде и прекрасното искуство од филмската премиера.

Иво Бару, објасни дека Кристи Пиу е строг режисер, кој имал свои замисли за филмот и по секоја цена ги остварувал. Од актерите барал совршена координација, а од камерманите практично да го заборават она што го учеле како занает и да го прифатат неговиот екпсериментален пристап, за да се добие специфичната поетика на светлото и сликата.

Лабина Митевска додаде дека интересно кај овој режисер било тоа што не работел во предвидливи рамки и сето време правел промени, менувал камермани па и актери во последен момент, но финалниот продукт е вистинска поетика.

Со доделување на наградите и со премиера на филмот „Златната петорка“, утре завршува филмскиот фестивал„Браќа Манаки“.