Силна експлозија го потресе Менхетн, најмалку 29 повредени

0
312

Најмалку 29 лица се повредени во експлозија што синоќа го потресе квартот Челси на Менхетн во Њујорк, а на друга локација во истиот дел на Њујорк е откриено и нешто што личи на експрес-лонец, кој со жици бил поврзан со мал темен уред, јави Си-ен-ен повикувајќи се на извори во полицијата. „Вечерва Њујорк искуси многу лош инцидент“, рече градоначалникот Бил де Бласио.

Голема експлозија ноќва ја потресе областа Челси на Менхетн, во која најмалку 29 луѓе се повредени. Властите велат дека експлозијата е намерен акт, но исклучуваат дека се работи за тероризам.

На снимката од експлозијата на безбедносните камери во Њујорк се гледа како преплашени луѓе трчаат по улица и се обидуваат да се заштитат, додека наоколу лета стакло од скршените прозорци, јави Си-ен-ен.

Американската телевизија наведе дека снимката е направена од локалниот фитнес-клуб „Оранџитори“ и пред него, а на неа може да се види и како во воздухот лета хартија.

https://youtu.be/LWQlsu_1g90

Ен-би-си њуз, повикувајќи се исто така на њујоршката полиција, објави дека иследниците на друго место нашле нешто што личи на експрес лонец со „леплива лента, жици и мобилен телефон“, кој бил оставен на тротоарот, но сè уште не е потврдено дека се работи за експлозивна направа.

Експрес-лонец беше употребен во изработката на експлозивната направа што уби тројца, а рани 200 лица за време на маратонот во Бостон во 2013 година.

Американските медиуми објавија дека полицијата ги проверува видеоснимките од првата експлозија во Челси, на кои се чини дека се гледа лице што остава нешто зад себе, што ја навело полицијата на заклучок дека тоа е намерен акт.

Извор на Ројтерс во полицијата во Њујорк рече дека истрагата на првата експлозија укажува дека таа се случила во канта за ѓубре.

Градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио рече дека според првичните наоди во прашање е намерно предизвикана експлозија, објави Ројтерс.

„Ние не гледаме поврзаност со тероризам. Не постои специфична, веродостојна закана против градот Њујорк во овој момент од која било терористичка организација“, рече Де Бласио.

mkd.mk