Сириската опозиција се заканува со напуштање на преговорите

0
535

Главниот преговарач на сириската опозиција Асад Зуби ги повика во неделата бунтовниците кои ги поддржува Западот да возвратат на наводните напади од сириската армија, обвинувајќи ја дека го користи прекинот на огнот според американско-рускиот договор, за да напредуваат на теренот.
Во интернет пораката до борците, Асад Зуби, исто така, вели дека „нема во недоглед“ да ги продолжува преговорите во Женева, доколку владините сили продолжат со нападите, како и дека нема напредок во поглед на клучното барање на опозицијата за политичка транзиција без претседателот Башар ал-Асад,

Зуби во таа порака не дава краен рок. Обединетите нации во петокот, пак, на опозицијата ѝ поднесоа предлог претседателот Асад да ја задржи позицијата протоколарно во времето на транзицијата а да именува потпретседатели кои ќе имаат извршни овластувања во сферата од одбраната, финансиите и транзицијата, но вооружената сунитска опозиција, го одби овој предлог. Владата, пак, инсистира на останувањето на Башар ал-Асад на претседателската должност, и за неговата политичка иднина да одлучуваат Сиријците на директни избори.

„Нема во недоглед да останеме на преговорите… Доколку ги погоди проектил, треба да се одмаздат со десет проектили и да го искористат примирјето како што тоа го прави режимот“, вели Зуби во пораката чијашто опозициска група, којашто Западот ја нарекува „умерена“, другите опозициски борци ја обвинуваат дека е одвоена од случувањата на теренот.

Факт е дека вооружената сириска опозиција држи мали области под контрола споредено со оние кои ги контролираат џихадистичките Исламска држава и Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда, и загубија многу позиции во судирите со нив, како и во борбите со силите лојални на владата во Дамаск.