Сириската војска го прекина примирјето, војната продолжува

0
285

Сириската војска денес соопшти дека е завршен прекинот на огнот, а само два часа подоцна биле извршени воздушни напади врз бунтовничките квартови во Алепо, пренесуваат светските агенции.

Со воздушните удари биле погодени повеќе бунтовнички квартови во источниот дел од градот. Дописникот на Франс прес јавил дека бомбардирањето е жестоко и дека се слушаат сирени за тревога додека пожари избувнале во повеќе делови од градот.

Сириската опсерваторија за човекови права потврди денес дека се во тек напади од воздух врз Алепо и во областите западно и јужно од градот, но без да прецизира чии авиони бомбардирале.

Командата на сириската војска денес соопшти дека примирјето е „готово“ и ги обвини бунтовничките групи дека го саботираат договорот постигнат со посредство на Русија и САД. Сириската војска во соопштението истакнува дека „оружени терористички групи“ повеќе пати го прекршиле примирјето кое стапи на сила минатата недела. Активистите и бунтовничките групи ја обвинуваат власта за кршење на примирјето, додека ОН истакнаа дека сириската влада ја попречувала испораката на помош, што е клучен дел од договорот за прекин на огнот.

Претседателот Башар Ал Асад денес ги обвини САД дека со нападот врз позициите на сириската војска во градот Деир ез-Зор на истокот на Сирија извршиле „флагрантна агресија“ врз земјата, јави сириската државна агенција Сана.

„Секој пат кога сириската војска напредува во борбите и процесот на национално помирување, државите што се нејзини непријатели ја засилуваат својата поддршка на терористичките организации. Пример за тоа е флагрантната американска агресија врз позициите на сириската војска во Деир ез-Зор, извршена во корист на Исламска држава“, изјави Асад по средбата со иранскиот претставник за арапско-африкански прашања.

Тој истакна дека земјите што ѝ се непријатели на Сирија „прават сè за да продолжи терористичката војна“.

Без коментари

LEAVE A REPLY