Сите да се вклучат во консултациите за медиумските реформи

0
322

Анализа за финансиските и кадровските прашања и продукцијата на јавниот радиодифузен сервис за чие подобро функционирање треба да се одвои најмалку процент од Буџетот, како и саморегулација на медиумите без мешање на Владата, се дел од содржината на предложените реформи во медиумите што ги презентираше денеска европскиот експерт Питер Ванхојте, кој престојува во Македонија на посета на Здружението на новинари на Македонија.

Ванхојте, кој во рамки на разговорите на партиите за решавање на политичката криза изготви предлог за медиумски реформи, на прес-конференција со претседателот на ЗНМ Насер Селамни, порача дека е време да се делува и да се оди напред со медиумските реформи.

Селмани информира дека со Владата се водат разговори да се стават на јавна дебата измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што ЗНМ ги изготви со Советот за етика во медиуми, Самостојниот синдикат на новинари на Македонија, Институт за комуникации и Македонскиот институт за медиуми врз основа на предлогот на Ванхојте. Јавната консултација што би ја организирала Владата за предлогот се очекува да почне наредната недела, а за две недели и дебата во Парламентот.

– Како платформа на новинарски и медиумски организации застануваме зад тој предлог. Владата има волја тој предлог да го поддржи и ако биде така немаме никаква дилема да ја поддржиме во рамки на нашите можности тој процес да се олесни со цел тие измени да се донесат што е можно побрзо, рече Селмани.

Според Ванхојте, важно е во консултациите да бидат вклучени сите релевантни чинители. За сите партии од опозицијата вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ ова е можност за конструктивно вклучување во тековниот дијалог.

– Веруваме дека предлозите кои се веќе на маса и кои произлегоа од долг процес на консултации и преговори пред година и половина кога беа консултирани сите политички партиии и беше постигнат одреден компромис се добра појдовна точка. Мило ми е што слушам дека Владата сака да го почне процесот со отворање јавни консултации околу предлозите кои се веќе на маса. Важно е да бидат вклучени сите релевантни чинители, по што процесот ќе продолжи во Парламентот. Кога ќе има конечно решение ќе зависи од брзината на работата на Парламентот, рече Ванхојте.

Презентирајќи ја содржината на законските измени за медиумите, соопшти дека појдовна точка за сите дискусии околу јавниот радиодифузен сервис треба да биде широка анализа на финансиските прашања, прашањата на персоналот и продукцијата. – Се чини дека Владата е согласна дека треба да се одвојат повеќе ресурси за да може добро да функционира јавниот дифузер. Силно им сугерираме и предложивме да одвојат најмалку еден процент од Буџетот за поддршка на јавниот сервис, посочи Ванхојте.

Во однос на концептот на саморегулација, укажа дека Владата не е онаа која треба да ги уредува односите во медиумите и да кажува кој што треба да прави.

– Вие меѓу себе треба да ги регулирате вашите односи, тој концепт треба да важи општо во медиумите и се надеваме дека со тек на време ќе најдеме решение и за онлајн медиумите. Предлозите што во моментов ги имаме немаат сугестија како можете да влезете во саморегулацијата. Предлогот што е во моментов на маса исто така не навлегува во иднината на различните агенции и нема да навлегува во подробности околу субвенционирањето на јавни или приватни медиуми освен што ќе се осврне на јавниот сервис, рече Ванхојте.

Секоја евентуална одлука за субвенции или поддршка на какви било медиуми, вклучително и печатени, дополни, мора да подлежи на јасна проценка, затоа што моменталниот Буџет е стеснет, а денарот може да се потроши само еднаш.

– Веруваме дека предлогот кој е ставен на маса откако ќе се усвои може да биде одлична појдовна точка за голема реформа на сите медиуми, наведе Ванхојте, посочувајќи на потребата од долгорочен развоен план којшто ќе треба да биде заснован и на придонес на сите засегнати страни.

Претседателот на ЗНМ изрази надеж дека Владата декларативната заложба за реформи во медиумите ќе ја потврди со конкретни мерки што ќе ги преземе во наредниот период. ЗНМ, како што рече, не смета дека со закони ќе се решат етичките проблеми во медиумите. – Прво треба да создадеме амбиент за нормална работа на медиумите, а потоа ќе бараме и одговорност. Немојте како медиуми да барате регулација, разбирам тоа да го бараат политичарите, но не и новинарите, со тоа покажуваме слабост дека не можеме да ги решиме нашите проблеми, рече Селмани.

Како што потенцираше Ванхојте, покрај медиумските реформи е важно да не се дозволи неказнивост на насилство врз новинарите. Бара да се расветлат 52-та случаи со насилство врз новинари, каде, како што рече, се работи за јасен напад, палење простории и возила, уништување опрема и напади врз членови на семејствата, а судството да преземе мерки за случајот со новинарот Зоран Божиновски кој долго време е во притвор, а не е изведен пред суд.

http://a1on.mk