Сите осомничени во прислушкувањето мора да одговараат

0
358

Во интервју за ДВ, германскиот пратеник Хајндл вели дека решението на кризата во Македонија е во Договорот од Пржино. Аболицијата мора да се повлече, а виновниците да одговараат.

Специјалниот пратеник Хајндл инсистира дека Договорот од Пржино и натаму е добра основа за изнаоѓање решение за кризата во Македонија.
„Решенијата произлегуваат од Договорот од Пржино, кој дава јасни параметри за кои партиите се обврзаа минатото лето“, вели Хајндл за ДВ.
Германскиот државен министер Михаел Рот во понеделникот од Брисел изрази „екстремна загриженост за внатрешно-политичката состојба во Македонија“ и порача дека не смее повеќе да се става „на тест трпението на меѓународната заедница и на Европската Унија“.
Хајндл го дели таквиот став и вели дека ЕУ и Германија сакаат да и помогнат на земјата да најде излез од кризата, но патот ќе мора самата да го изоди. Прв чекор на тој пат, според германскиот пратеник, треба да биде повлекувањето на амнестијата на претседателот Иванов.
„Априлската амнестија за политичарите на претседателот на државата Ѓорге Иванов ги поткопа овие напори и не е во согласност со Договорот од Пржино.“
Чистењето на избирачките списоци, обезбедување на независноста на медиумите и овозможување еднаков пристап до нив за сите партии, се услови без кои не може да се организираат фер и демократски избори, наведува Хајндл.