СЈО и СДСМ вршат притисок врз судот

0
293

ВМРО-ДПМНЕ смета дека СЈО не поседува никакви докази и затоа со лажни и клеветнички изјави несвојствени за едно обвинителство се обидуваат да ја покрие својата пристрасност и непрофесионалност.

– Неверојатно е што денес кога по интервенција на СЈО се одложи рочиштето, токму тие напаѓаат и обвинуваат друг за тоа. Доколку не беше интервенцијата на СЈО денеска рочиште ќе имаше и брзо ќе можеше да се види вистината, но и лагите и конструкциите на СЈО како и на измамникот Жерновски, се вели во пишаната реакција од ВМРО-ДПМНЕ на изјавите на градоначалникот Андреј Жерновски и обвинителката Фатиме Фетаи.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СЈО и владејачката гарнитура во континуитет преку јавни изјави и заплашувања вршат притисок врз судот. Нагласуваат дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ се предмет на типична политичка хајка и прогон, а Никола Груевски и останатите уредно и редовно изразуваат почитување на судот и на законските процедури и притоа не смислуваат квази алиби.

– ВМРО-ДПМНЕ и нејзините членови се убедени дека секогаш ги почитуваат и ќе ги почитуваат законите, а времето ќе покаже дека сето ова што организирано го прават СДС и СЈО се само груби и неумесни конструкции и класично политички монтирани случаи, се наведува во реакцијата.