СЈО поднесува две обвиненија

0
488

Првото обвинение е поврзано со незаконско уништување документација од системите на прислушување, односно се однесува на 2.047 уништени службени списи, за кое СЈО товари 7 лица, а второто произлегува од досега објавените прислушувани материјали и се однесува на случајот со протестите пред општина Центар во јуни 2013.

СЈО очекува осудителни пресуди за двете обвиненија.

„Првиот предмет е од огромно значење на мандат на ова Обвинителство. Се работи за уништување на документација. Преземајќи истражни дејствија за тоа кој и зошто неовластено прислушувал, Обвинителството прибави доказен материјал и за други кривични дела. Од доказите произлезе дека првообвинетиот незаконито формирал Комисија и 2.047 службени списи биле уништени. Според доказите, првообвинетиот издал усна наредба за годишно ништење на материјали, иако законските акти не дозволуваат обвинетиот да формира таква комисија. Целта била да се уништат списите поврзани со работата на системите за следење на комуникациите. Целото ништење е направено спротивно на сите службени акти, и обвинетите лица без никаква процедура за ништење ги запалиле материјалите“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Во вториот предмет, СЈО отвора обвинение по телефонски разговор содржан во прислушуваните материјали што ги објави опозицијата.

„Разговорот е воден откако веќе била закажана седница на Советот на општина Центар. Произлезе сомнение за поттикнување насилство. Ова јавно обвинителство презеде низа активности дали содржината на снимката има своја завршница. Поради наведените причини беа прибавени голем број видеозаписи, материјални докази, а беа испитани и 20 сведоци. Дел од сведоците побараа заштита“, рече Фетаи.

Обвинението е поднесено против 14 лица за насилство: 5 лица се обвинети како поттикнувачи, а 9 лица како директни извршители на насилството.

„Од доказниот материјал произлезе дека во јуни првообвинетиот побарал, а второобвинетиот прифатил да извршат грубо насилство спрема градоначалникот на општина Центар. Анализите што ги направи ова Обвинителство упатуваат на тоа дека мотивите на првообвинетиот за ова се чисто лукративни, за остварување на бизнис-интересите на партискиот врв“, рече обвинителката.

„Секој што се огрешил од Кривичниот законик на Република Македонија ќе одговара“, рече Фетаи.

Катица Јанева изрази спремност да го презентира извештајот пред Советот на јавни обвинители и во Собранието на Република Македонија. Специјалната јавна обвинителка денеска апелираше до Собранието да ги донесе измените на Законот за заштита на сведоци, за да може СЈО да навлезе во сржта на предметите „Мартин Нешковски“, „Монструм“ и „Сопот“.