СЈО прави обид за уништување на ВМРО-ДПМНЕ

0
328

ВМРО-ДПМНЕ возврати на прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство на која беа отворени три нови истраги, од кои едната е за перење пари во партијата и најави дека „ова нема да помине“.

Емил Димитриев на прес-конференција во седиштето на партијата најави дека ВМРО-ДПМНЕ жестоко ќе се спротивстави на овој, како што рече „обид за уништување на партијата, а СЈО и СДС ќе бидат единствено одговорни за атмосферата која ќе биде предизвикана во следниот период и во која ние ќе се спротивставиме на неправдата и неправото“.

„ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која дејствувала, дејствува и ќе дејствува само врз основа на закон. Сите обиди и политички памфлети со цел да се претстави наводното  незаконско работење на ВМРО-ДПМНЕ се неточни, невистинити и енергично и бескомпромисно ги отфрламе. Наведените изјави бескомпромисно ги демантираме во целост. Обидот на СЈО, како испостава на СДС, без факти и аргументи да изврши компромитација е многу опасен и погрешен пат“, рече Димитриев.

Тој додаде дека целта е да се скрши ВМРО-ДПМНЕ како единствена политичка сила која ги брани националните, државните и граѓанските интереси со цел да се скрши Македонија.

Во врска со финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, тој изјави дека целокупниот  имот на партијата била законски стекнат и се користел за извршување на партиски функции, и демантираше дека партијата купувала ниви и ливади. Таквото тврдење, според него, било обид од СЈО за компромитирање на партијата и дефокусирање на јавноста.

Откако образложи како била изградена партиската зграда, Димитриев рече дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ како и кој било граѓанин имаат јасно законско право за уплата на сметка на партијата.

„Не сме во можност да имаме контрола на волјата на тоа кој уплаќа на партиската сметка, но благодарни сме за секоја уплата. Тие пари сме ги користеле за партиски потреби.

Лажна е информацијата на СЈО дека наводно уплатите во 2014 биле за 57 дена. Вистината е дека се уплатени за 202 дена на име членарини и донации“, појасни Димитриев.

Обвинувајќи дека „овој безмислосен напад е срамен обид на СЈО да наметнат чувство на непотребна вина кај партиските членови“, тој им се обрати на членовите на ВМРО-ДПМНЕ и им порача дека тие се „луѓе домаќини, чесни и патриоти и за нив не може да коментира и да суди Зоран Заев, Фатиме Фетаи или Катица Јанева, па да бидат спокојни бидејќи се силата од која се плаши противникот“.

Изјавувајќи дека ова е „безобразен обид на СЈО да ја компромитира партијата за да биде скршена Македонија“, Димитриев го повика СЈО да отвори постапка за финансирањето и работењето на СДСМ бидејќи имале инсјадерски информации токму од СЈО дека има разговори и законска основа за отворање истрага за СДСМ.

На прес-конференцијата се обрати и Никола Попоски, според кого, тврдењата на СЈО се измислени, а по него и Антонијо МИлошоски, кој рече дека од денес до крајот на мандатот на СЈО оваа институција работи како партиска подружница на СДС.

„Главна задача е да штанца политички обвиненија за да му помогне на Заев да спроведува нарачани платформи. Ваквото однесување на СЈО е на штета на интересот на граѓаните на Македонија но во корист на Заев за да се дефокусира јавноста од главниот проблем, правење коалиција на штета на интересите на Македонија“, изјави Милошоски.

Според Милошоски, „СДСМ, ДУИ и Беса се заштитени бели мечки во државата, а очигледно е дека СЈО е продолжена рака на СДС“, па ВМРО-ДПМНЕ очекува притисокот да продолжи.