СЈО со „Тврдина“ открива кој ја уништил опремата за следење на комуникациите

0
697

Опрема за следење на комуникациите која се користела до 2008 година, и онаа која функционирала до март 2015 година, била уништена, преку незаконски формирана комисија, а за тоа Специјалното јавно обвинителство, во среда отвори нова истрага, „Тврдина“.

Специјалното јавно обвинителство поведе истражна постапка под име „Тврдина“, поврзана со незаконско следење на комуникации со користење опрема и уреди за следење кои се во сопственост на МВР, информира во среда на прес-конференција обвинителката Катица Јанева.

Постапката за нејзино уништување се спроведувала од 11-ти март 2015 година до 28-ми мај 2015 година, кога било побарано уништената опрема целосно да биде избришана од евиденцијата на МВР.

Обвинителката Ленче Ристоска го презентираше случајот и рече дека „Тврдина“ е сложен предмет, во кој се осомничени двајца началници од Одделот за безбедност и контраразузнавање при МВР, кои, според СЈО, заедно со тогашниот министер за внатрешни работи на почетокот на 2015 пречекорувајќи ги надлежностите и искористувајќи ја својата положба, со еден началник на еден од одделите во МВР уништиле средства за следење на комуникации и со тоа нанеле штета на државата од 10 милиони евра.

„Првоосомничениот поради прикривање други лица кои неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите при УБК, издал усна наредба до раководните лица на организационите единици во рамки на Одделот за оперативно техничка поддршка на операции за доставување на Известување за состојба на материјално технички средства во Управата за безбедност и контраразузнавање. Ваквата наредба била дадена со цел да се прикаже наводна потреба од ништење на системите за следење на комуникации, иако согласно Извештајот од пописот за 2014 година не е констатирана потреба од расходување на средства или системи по било кој основ“, рече Ристовска.

Одговарајќи на новинарско прашање, зошто директорот на УБК е изземен од оваа истрага, Ристовска, рече дека за негова инволвираност немаат докази.

За содржината, односно снимените материјали, од опремата која веќе е уништена, Ристовска рече дека не може да даде информации, колку материјали има, каде се чуваат и дали има, затоа што како функционира системот за следење на комуникации е државна тајна.

„Ваквите системи и опрема со товарни возила сопственост на МВР биле однесени во правно лице кое има отпад за старо железо, при што на лице место освен присутните лица ангажирани на правното лице и членовите на Комисијата, присутни биле и прво, второ и четвртоосомничените. Четвртоосомничениот обезбедил логистичка поддршка за спроведување на ништењето, на начин што го организирал превозот до правното лице, го набљудувал процесот на ништењето и му дал налог на едно лице да изврши фото и видео документирање на настанот“, рече Ристовска, по што целата опрема и системи биле ставени во пресата за ништење и пресувани, остатоците биле избалирани и оставени на отпадот, но потоа, без знаење и присуство на сите членови на Комисијата, а по налог на првоосомничениот со дел од членовите на Комисијата, заедно со претставници на правното лице, балираните делови на друго место ги ставиле во дробилица.

„Во периодот од втората половина на 2015 година до средината на март 2016 година, преземени се повеќе дејствија за фалсфикување на службени исправи, а во кои учество имала и петоосомничената како службено лице – технички документарист“, рече Ристовска.

Петтоосомничената, како што појасни Ристовска се соочува со казна затвор до 5 години, затоа што се товари за Фалсификување службена исправа и нејзниниот случај се води по скратена постапка, а за останатите четворица, кои се товарат за Злоупотреба на службената положба и овластување, рече дека се соочуваат со казна затвор од минимум 5 години, со максимални 20 години затвор.

За првоосомничениот СЈО бара мерка притвор, затоа што тој е сé уште вработен во УБК и може да го повтрои делото, или да влијае врз другите осомничени, како и да побегне, а за останатите предлага само да им се одземат пасошите и редовно да се јавуваат во судот.

Дури и за поранешната министерка за внатрешни работи, која до сега е осомничена во случаи отворени од СЈО, Ристовска рече дека не бараат притвор, затоа што таа веќе дошла на раговор и од тој разговор увиделе дека таа ќе биде достапна во истрагата.

Сепак, СЈО од истрагата очекува да се покаже инволвираноста и евентуалната одговорност на секој од членовите на Комисијата во постапката за ништење, како и да се утврди евентуална инволвираност и на други службени лица./крај/мф/бб