СЈО со удбашки методи изнудува сведоштва

0
576

Непрофесионални и неправични се методите со кои се служи Специјалнопто јавно обвинителство при своите истраги, а неретко применува и методи од педесетите години на минатиот век, како тогашната УДБА, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Како да верува некој во тие луѓе, за кои сите мислевме дека ќе се непристрасни и неутрални. Од она што го дознавам од раководни лица во институциите, освен што се однесуваат крајно арогантно, тие континуирано се служат со закани, и кон раководните луѓе во институциите и кон потенцијалните сведоци. На многу од сведоците им велеле дека ако не прифатат да кажат и да потврдат онака како што бараат од нив, ќе заглават во затвор. Нешто слично како во 1949 година во Македонија, кога тогашната УДБА користеше такви методи“, вели Груевски, во интервју за порталот Телеграф.

Тој тврди дека обвинителите во СЈО се одлепиле од земја, им требало еден месец и неколку прес-конференции за да летнат во воздух, а не се ни свесни кое е објективното мислење за нив, дека над 60 отсто од Македонците не им веруваат, а дека процентот на оние што им веруваат се поклопува со процентот на поддржувачи на СДСМ.

„Дејствуваат како партиски разгранок на СДСМ. Ставени се во функција на СДСМ. За секој од случаите што ги испитуваат тргнуваат со претпоставка и цврсто убедување дека клеветите и обвинувањата од прес-конференциите на СДСМ се точни, и сега тие по секоја цена мора да ги докажат, користејќи многу често, како што кажав, удбашки методи од 50-тите години на минатиот век. Значи, нивниот пристап не е да истражат како било, дали тоа што го тврдеше СДСМ е точно или не, и евентуално во законска постапка да приберат докази доколку е точно, туку по секоја цена да се одбрани и докаже дека СДСМ бил 100 отсто во право. Таков е пристапот“, вели Груевски.

За Груевски несфатливо како може во 21 век да повикаш некој во својство на сведок и да му кажеш дека ако не го потврди она што си го наумил да го докажеш како вистина, иако е невистина, и притоа да му кажеш дека ако не постапи според очекувањата ќе добие затвор од 10 или повеќе години, и кога ќе излезе нема да си ги препознае децата, не е ништо друго освен груба злоупотреба на функцијата, злоупотреба на институцијата и на функцијата, и не случајно дел од сведоците поднесоа кривични пријави кон некои луѓе од СЈО.

„Од авион се гледа дека овие луѓе, кои ја окупираа оваа институција, се длабоко партиски мотивирани да му помогнат на СДСМ, а да ѝ наштетат на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се зборува дека имаат ултрависоки примања од по 2.500 до 3.000 евра месечни плати заедно со додатоците.

„Разбирам дека парите што ги добиваат сакаат да ги добиваат што подолго, разбирам и дека откако самите ги кренаа очекувањата, сега сакаат да покажат некаков резултат за земените пари и патувања, разбирам и дека имаат наклоност кон некоја партија и незадоволство или нетрпеливост кон друга, во случајот кон ВМРО-ДПМНЕ, ама во таа институција мора да се работи непристрасно и професионално, со почитување на пресумцијата на невиност, а личните наклоности да си ги чуваат за себе или за изборниот ден кога ќе гласаат“, вели Груевски.

Лидерот на најголемата партија на власт смета дека нивниот настап на прес-конференциите е непрофесионален кога се дрзнале Едмонд Темелко, градоначалник на Пустец, или кај кого било да влезат дома без судски налог.

„И кога сме кај Темелко, СЈО бараше притвор за овој човек и е преокупирано со лишување од слобода на некој директор на подрачно училиште или полицаец кој наводно незгодно навредил некого, а, од друга страна, Верушевски, за кого постојат силни и цврсти докази за неговата улога во процесите, го ослободија од притвор, за каков професионализам зборуваме тука. Не може на прес-конференција да објавуваат имиња или соодветно да опишат некоја личност без име, а на цела држава да ѝ е јасно која е личноста, без елементарен доказ против неа. Или фразата „партија на власт“, демек не ја споменале ВМРО-ДПМНЕ, а сите знаат дека периодот за кој имаат надлежност да испитуваат е токму периодот кога оваа партија е на власт“, вели Груевски.

Тој вели дека дознал оти потпишале договор за консултантски услуги со повеќе луѓе, професори, адвокати, академици и слично, чија главна задача е да гостуваат секоја вечер во телевизиски емисии и да зборуваат против владејачката гарнитура, а да ги бранат опозиционерите.

„Значи, дење се советници, ако воопшто нешто работат како советници, а навечер секој од нив е гостин во емисија, независен експерт, угледен независен адвокат или професор или академик или слично. Со други зборови, буџетските пари на граѓаните ги користат да плаќаат луѓе кои политички и јавно низ медиумите треба да ги бранат нивните непрофесионални и партиски мотивирани активности. И тоа се случува во Mакедонија речиси секој ден. Народот ги слуша и веројатно поим нема колкави хонорари земаат за така да зборуваат против нас“, додава Груевски.

Груевску зборува и за тоа дека разбрале дека врбувале вештаци од разни професии, економски, градежни, ИТ и други, вештаци кои би правеле нарачани вештачења, вештачења со кои би се поткрепиле конструкциите на СЈО./крај/мф/бб