Сликарката Буба Мешкова Солак го освојува Париз

0
696

Ликовниот уметник Љубица Мешкова Солак, на 15 ти јуни, во Париз, ќе го презентира отвореното студио, изложба на која ќе ги истакне своите дела на тема
СONVERGENCE.

Таа веќе извесен период престојува во овој град на светлината, каде ги создава своите уметнички дела.
Минатата година ја воодушеви битолската , но и скопската јавност со изложбата Life is a game, Art is life (Животот е игра, уметноста е живот) , со која создаде интерактивна комуникација помеѓу авторот, публиката и делото, што е карактеристично за уметничкиот профил на Мешкова Солак.

Уште една карактеристика за Солак е комбинирањето на техники и материјали,

интервенција на предмети, односно игра и трансформација и креирање на приказни, комбинација на слики и објекти.

Покрај тоа што Мешкова Солак е препознатлива по богатиот колорит во нејзините уметнички дела врз основа на што создава автентичен авторски потпис, таа исто така е љубител и на модниот дизајн како уметничка експресија.

Тука ќе го споменеме проектот, поставка на нејзини уметнички дела во продавници на елитни брендови во Дубаи, што се реализираше благодарение на комуникацијата со Виолета Силјановска, која како моден дизајнер работи за модниот бренд Хакет во Лондон, а е дел од групацијата Чарлхаб, која ги има франшизите за модните етикети како: Пол Смит, Миу Миу, Прада и други.
Во уметничкото портфолио на Солак се вбројува и функцијата претседател на друштвото на ликовните уметници на Битола, минатата година.

Таа исто така беше избрана за официјален претставник на Македонија за фестивалот Femin Art кој веќе 15 години традиционално се одржува во Турција.
На овој настан 15 до 20 уметници од целиот свет работат на декорирање и уредување со хуманитарна цел, а покрај тоа се разменуваат и искуства.

На овој фестивал Солак ја доби почесната титула, „официјален член”.