Словачка ќе ги прифаќа само бегалците христијани

0
353

Портпаролот на словачкото министерство за внатрешни работи најави дека неговата земја сака да прима само христијани, кога ќе дојде до распределбата на бегалците од Сирија меѓу земјите членки на Европската унија.

Според плановите на Европската унија за разместување на околу 40.000 бегалци од Сирија, Словачка треба да прифати 200 од нив од бегалските логори во Турција, Италија и Грција. Меѓутоа, портпаролот на тамошното министерство за внатрешни работи, Иван Метик, изјави дека Словачка нема да ги прифаќа муслиманите, бидејќи тие не би се чувствувале како дома.

Агенцијата на Обединетите нации за бегалци УНХЦР ги повика државите да го поддржат „интегративниот пристап“ во прифаќањето на бегалците. Метик, меѓутоа, изјави дека пристапот на неговата земја не е дискриминирачки и дека целта е опстанок на заедницата.

Бројот на бегалците на границите на Европската унија последните месеци се зголеми, а во јули достигна рекордни 107.500 луѓе. Меѓу нив најмногу има Сиријци, Авганистанци и субсахарски Африканци кои бегаат од конфликтите и бедата.

Минатиот месец членките на ЕУ се договорија во текот на следните две години да прифатат 32.000 лица кои бараат азил а стигнуваат во Италија и во Грција, што е помалку од претходните 40.000. Договорот беше постигнат откако некои држави, вклучително и Словачка, одбија да одредат квоти за бегалците коишто можат да ги прифатат.

„Навистина сакаме да ѝ помогнеме на Европа со овој миграциски бран, меѓутоа… ние сме само транзитна земја и луѓето не сакаат да останат во Словачка“, изјави Метик во средата вечерта за британскиот јавен сервис BBC.

„Можеме да земеме 800 муслимани, но немаме џамии во Словачка, па како тогаш муслиманите ќе се интегрираат доколку тука не им се допаѓа?“, појасни портпаролот на словачкото министерство за внатрешни работи.

Портпаролката на Европската комисија, Аника Брејтхард, изјави дека не може директно да го коментира ставот на Словачка, но порача дека во државите на Европската унија е забранета секоја форма на дискриминација./крај/мф/сн