Словачката десница покренува петиција за референдум за излегување од ЕУ

0
295

Словачката десна Народна партија во саботата покрена иницијатива за потпишување петиција за организирање референдум за членството на оваа земја во Европската унија, и е уште една во низата членки на сега 27-члениот блок кои најавија слични чекори откако Велика Британија на референдумот во четвртокот го изгласа напуштањето на Унијата.
Десно и против доселенички ориентираните партии во Холандија, Данска. Шведска и Франција веќе побараа одржување референдуми за членството во Европската унија.

Во Словачка, којашто во јули го презема шестмесечното ротационо место на претседавач со Европската унија, антиимигрантската и европскептична Народна партија – Наша Словачка изненади многумина во ЕУ кога во март годинава освои осум отсто или речиси 210.00о илјади гласови и првпат влезе во парламентот.

„Граѓаните на Велика Британија одлучија да го одбијат диктатот на Брисел. Време е и Словачка да го напушти европскиот ‘Титаник’“, се наведува во соопштението на партијата објавено на нејзината интернет страница.

Според словачките избори закони, во земјата со 5,4 милиони жители, за покренување петиција мора да се соберат 350.000 потписи за да се одржи референдум/

Медиумите потсетуваат дека единствениот досега успешно спроведен референдум во Словачка е организиран во 2003 година кога се гласаше за членството на земјата во Европската унија. Одѕивот на избирачите тогаш изнесуваше 52 отсто, од кои „за“ се изјаснија 92.5 отсто.

Резултатите од минатонеделното испитување на јавното мнение, пред да биде познат исходот од британскиот референдум, коешто го спровела агенцијата Focus opinion, покажале дека 61,1 отсто од анкетираните Словаци се изјасниле за останување во Европската унија, а 22,6 отсто против./крај/мф/сн