Словенија одлучи да испрати војска на границата со Хрватска

0
362

Словенечкиот парламент во понеделникот одобри испраќање на војска на границата со Хрватска, со цел помагање на полицијата про контролата на приливот на мигранти во рок од три месеци, пренесуваат словенечките медиуми.

За оваа мерка гласале 69 пратеници, додека пет биле против. Според словенечкиот премиер Миро Церар, ова е „природен чекор во овие околности“, имајќи го предвид големиот прилив на мигранти.

„Мерката не подразбира војската да има право да преземе воена акција, туку само да и даде помош на полицијата во чувањето на границата“, рекол Церар. Војската ќе може да користи сила во случај на опасност, за да ја обезбеди „безбедноста на граѓаните“, навел словенечкиот премиер.

Словенечката министерка за внатрешни работи, Весна Ѓеркеш Жнидар на пратениците им порачала дека поддршката од војската е потребна за да се намали притисокот на полицијата на границата и тие да можат да ги извршуваат задачите „внатре во земјата, каде се очекуваат проблеми кога на мигрантите ќе им биде оневозможен влез во Австрија“.

Како што јавуваат словенечките медиуми, во следните три месеци на границата поради мигрантската криза би можеле да помагаат од 200 до 800 војници. Полициски овластувања за војниците се предвидени во случаи ако дојде до повеќе илегални преминувања на границата, на оние места кои не се покриени со жичена ограда. Границата меѓу Словенија и Хрватска е долга 671 километар, од кои на 168 километри е поставена жица./крај/мф/бс