Словенија во осминафиналето, Македонија елиминирана се враќа дома

0
295

Словенија – Македонија 62:51 (24:10, 7:14, 11:11, 10:11

Без Војдан Стојановски кој има повреда на окото, Македонија мораше своите теоретски надежи за осминафинале да ги „оживее„ против Словенија, за која навиваа 4.000 сонародници во загребска „Арена„. Очекувано бело-зелените почнаа агресивно и брзо се одлепија на 9:2 во 3 минута. Ниту тајм-аутот на Србиновски не помогна и Словенците со лесни поени од полуконтра и контра го полнеа нашиот кош (17:5). Полека се разиграа сите словенечки кошаркари и Ален Омиќ погоди тројка за 22:8 во 9 минута. Дури на почетокот од вториот период, кога во игра влезе нашата таканаречена втора постава, со 4 неодговорени поени на Самарџиски, намаливме на 24:14. Словенија дури 6 минути не постигна кош на почетокот од втората четвртина, но предноста и натаму остана високи +12. Со серија од 0:6 со поените на Дамјан Стојановски и Марко Симоновски, прв пат се вративме во мечот (28:24). Со нешто порамноправен крај на вториот период по 20 минути игра, Словенија имаше само 7 поени предност. Зоран Драгиќ прв ја мина границата од 10 поени, скоро сите со инвидуални влезови низ нашата одбрана. Капитенот на Македонија, Владо Илиевски фрли тројка преку рака за 40:35 во 25 минута и Македонија сеуште беше во мечот. По шутерски многу лошата трета четвртина, Словенија ги задржа најчестите +11, за влез во последните 10 минути. Првото име на средбата, Зоран Драгиќ со нова тројка ги „потона„ и така малите наши надежи (57:43).  Со таа инерција момците на Здовц го приведоа мечот кон крај за финални 62:51. Во словенечката репрезентација најефикасни беа Зоран Драгиќ со 20 и Омиќ со 14 поени, а кај Македонија се истакна Илиевски со 15 поени. „Змајчеките„ патуваат за Лил во осминафиналето, а Македонија ќе биде класифицирана од 16 до 24 место на 39 Евробаскет.